РЕАЛ ПОЛУДЕ ПО ДЕРБИТО – RMTV удри со сите средства по Ла лига и судиите
По поразот од Атлетико, клупската телевизија со жестоки обвинувања: „Не ни дозволуваат да се натпреваруваме!“

Поразот од Атлетико Мадрид со 1:2 во седмото коло од Ла Лига предизвика жестока реакција од Реал Мадрид. „Кралевите“ имаа низа забелешки за судењето на Мигел Анхел Ортис Аријас, а незадоволството го изразија и клубот и тренерот Жозе Мурињо. Сепак, најострата реакција дојде преку клупската телевизија Реал Мадрид ТВ (RMTV), која со исклучително остар речник го нападна начинот на кој се води натпреварувањето и работата на судиите.
„Денес нема да ја имаме нашата стандардна анализа на натпреварот. По ова што го видовме, нема никаква смисла да водиме каква било фудбалска дискусија. Сето она што се случи нè тера да повраќаме“, порача RMTV.
Клупската телевизија притоа ги обвини Ла Лига и Фудбалскиот сојуз на Шпанија дека кон Реал се применуваат различни стандарди.
„Не ни дозволуваат да се натпреваруваме. Тоа е планот на Ла Лига и на Фудбалскиот сојуз на Шпанија. Останува уште само Ла Лига да им дозволи на противниците на Реал да играат со пиштоли“, беше наведено во коментарот.
RMTV е официјалниот телевизиски канал на Реал Мадрид, но во последните години стана една од главните платформи преку кои клубот ги пласира своите ставови за судењето, Ла Лига и пошироките институционални прашања во шпанскиот фудбал. Особено внимание привлекуваат прилозите посветени на судиските одлуки пред и по натпреварите. Во нив клубот ги издвојува спорните ситуации и ги користи како аргумент во критиките кон судиската организација и раководството на Ла Лига.
RMTV исто така беше важна платформа во комуникацијата на Реал Мадрид околу прашања како Суперлигата и односите со фудбалските институции. На критиките од Реал реагираше и претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас.
„Ги разбирам нивните поплаки, но не и начинот на кој ги претставуваат. Реал Мадрид не загуби поради тие ситуации“, изјави Тебас за „АС“.
Тој оцени дека Хаусен заслужил црвен картон, додека за Канг-Ин Ли посочи дека исто така можел да биде исклучен, но дека динамиката на натпреварот ја отежнала одлуката на судијата.
Жозе Мурињо по натпреварот остро го критикуваше судењето на Ортис Аријас, додека Реал Мадрид официјално изрази незадоволство од неколку судиски одлуки. Од спротивната страна, Атлетико Мадрид преку своите профили на социјалните мрежи ги исмејуваше реакциите на градскиот ривал и неговите забелешки за судењето. Градското дерби така продолжи и по последниот свиреж, овојпат во медиумите и на социјалните мрежи, со RMTV во центарот на новата пресметка меѓу двата мадридски клуба.

