НЕ НИ СЕ ВАЖНИ ФУНКЦИИТЕ, РАБОТИМЕ САМО ЗА НАРОДОТ – ЗНАМ очекува уште еден заменик министер
ЗНАМ вели дека приоритет е народот, но Димитриевски најави ново заменичко место и не откри во кој ресор ќе биде.

Движењето ЗНАМ очекува да добие уште едно место заменик-министер во Владата, но засега не открива за кој ресор станува збор. Партискиот лидер Максим Димитриевски денеска изјави дека прашањето би требало да биде дефинирано во текот на следниот месец.
Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на настанот посветен на отчетот на избраните и именуваните функционери на ЗНАМ, Димитриевски оцени дека односите и соработката во владината коалиција се на одлично ниво.
Тој посочи дека за ЗНАМ приоритет не е поделбата на функциите, туку преземањето одговорност во извршната власт.
„За нашата политичка партија никогаш не е приоритет што ќе добиеме како составен дел на власта, туку сакаме да преземеме одговорност“, рече Димитриевски.
Според него, ЗНАМ во Владата влегол со „карт бланш“, со цел да се избегне повторување на политичките сценарија од минатото.
„Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниов месец“, изјави лидерот на ЗНАМ.
Димитриевски додаде дека во моментов се разговара за неколку ресори, но не сакаше да открие детали.
„Не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање и верувам дека веќе до крајот на месецот ќе имате од негова страна излагање по однос на таа тема“, рече тој.
Димитриевски: Немаме забелешки за работата на нашите функционери
Во однос на вториот и третиот ешалон на власта, Димитриевски рече дека досега до него не пристигнале забелешки ниту од мандатарот, ниту од ресорните министри за работата на функционерите на ЗНАМ.
Тој најави дека функционерите на партијата ќе продолжат да ги извршуваат своите обврски и да ги спроведуваат политиките на ЗНАМ усогласени со владината програма.
Димитриевски истакна дека ЗНАМ е, како што рече, првиот политички субјект кој по две години учество во власта организира отчет пред граѓаните за работата на своите избрани и именувани функционери.
„Ние сме поразлични од останатите. За ЗНАМ, иако е тешко да се верува бидејќи навиките во општеството се веќе такви, нема ниту една единствена афера, нулта корупција“, рече тој.
Како приоритети на партијата ги посочи подобрувањето на социо-економскиот живот на граѓаните, правдата и еднаквоста пред законите.
Според Димитриевски, Владата во изминатиот период реализирала бројни инфраструктурни и капитални проекти, за кои, како што нагласи, заслугата не може да ја припише само една политичка партија, туку станува збор за резултат на целата Влада и нејзините партнери.
Во однос на владината коалиција, тој повтори дека сите партнери се обврзани на усогласената владина програма и изрази уверување дека до крајот на мандатот граѓаните ќе ги почувствуваат резултатите од нејзината реализација.
На отчетот присуствуваа членови на ЗНАМ, пратеници, функционери, активисти и поддржувачи на партијата.

