СТОЈАНОВ ОТКРИВА Со маици, капи и чаши ќе ги финансираме медиумите во Македонија, целта е бугарска партија
Фондацијата „Македонија“ најавува продажба на брендирани производи, а Стојанов тврди дека средствата ќе се користат за медиумска мрежа и активности насочени кон создавање политичка партија на Бугарите во земјава.

Бугарската Фондација „Македонија“, предводена од Виктор Стојанов, планира преку продажба на брендирани маици, блузи, капи и чаши да обезбедува средства за своите активности во Македонија, вклучително и за медиумска мрежа за која Стојанов тврди дека има месечни потреби од најмалку 3.000 евра.
Во видеообраќања објавени деновиве, Стојанов наведува дека веќе се продаваат маици со логото на фондацијата по цена од 20 евра. Најавена е и продажба на зимски блузи по 25 евра, порцелански чаши за кафе и чај по 6 евра, како и капи.
Според Стојанов, средствата од продажбата треба да ги поддржат активностите на фондацијата во Македонија, а крајната цел е создавање политичка партија на Бугарите во земјава, која би учествувала на следните парламентарни избори.
Стојанов не крие оти оти фондацијата веќе има медиуми во Македонија и дека сака да ја прошири мрежата, со цел да придонесе кон создавање политичка организација на Бугарите.
Исто така, Стојанов директно зборува за финансирање на медиумска мрежа составена од телевизија, портали, веб-страници и канали поврзани со социјалните мрежи. Тој наведува дека за нејзино функционирање се потребни најмалку 3.000 евра месечно.
Стојанов ја поврзува оваа активност со неговата долгорочна цел за формирање политичка партија, која, според него, би требало да освои пратенички места и да учествува во извршната власт. Стојанов тврди оти преку постојната медиумска мрежа веќе успеале да влијаат врз јавното мислење во Македонија.
Национал веќе пишуваше за повеќе онлајн-медиуми, јутјуб-канали, Фејсбук и Инстаграм-профили и групи за кои тврди дека се дел од поширока мрежа поврзана со Фондацијата „Македонија“. Дел од овие платформи имаат јавно достапни податоци за сопственичката и уредничката структура, додека кај други тие информации не се објавени.
Стојанов, кој според објавените информации има забрана за влез во Македонија, во своите видеа отворено ја поврзува медиумската активност со политичката цел за создавање партија на Бугарите во земјава.
Редовните парламентарни избори во Македонија треба да се одржат во 2028 година.
ТАЈНА ИСТРАГА Под лупа 20 канали, МВР и АНБ проверуваат ширење омраза и врски со организации

