СЕ ПОДГОТВУВА НОВ ЗАКОН Како ќе се користи вештачката интелигенција
Драфт-стратегијата ќе биде објавена на ЕНЕР, а кај Бунарџик се планира национален дата-центар со сопствена фотонапонска централа.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува националната стратегија за вештачка интелигенција да биде донесена до крајот на годинава. Како дел од стратегијата се разгледува и донесување посебен закон со кој ќе се регулира употребата на вештачката интелигенција.
Утре во Министерството за дигитална трансформација ќе се одржи состанок на работната група, по што драфт-верзијата на стратегијата ќе биде објавена на ЕНЕР. Потоа ќе следуваат и неколку јавни дебати.
„Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме. Една од активностите на стратегијата размислуваме да биде донесување закон за употреба на вештачката интелигенција“, изјави Андоновски.
Тој појасни дека законското регулирање нема да се однесува на производството или создавањето на вештачка интелигенција, туку на нејзиното правилно, етичко и принципиелно користење.
Андоновски информираше и за плановите за изградба на национален дата-центар. Според него, веќе се водат разговори со потенцијални финансиери, а со Министерството за транспорт се разгледува потребната процедура за користење на локацијата кај Бунарџик.
Дата-центарот треба да биде изграден во близина на Скопје, во близина на една од индустриските развојни зони, на државно земјиште кое во моментов не се користи.
Планирано е проектот во втора фаза да биде дополнет и со фотонапонска централа. Според најавите, таа би обезбедувала меѓу 30 и 40 проценти од потребната електрична енергија за дата-центарот.

