СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ГИ СЛУШНА ПОПЛАКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ Стручноста се потценува, партиската книшка се вреднува
Во Народната канцеларија граѓани говореле за проблеми при вработување, положбата на лицата со попреченост, но и за неискористеното знаење на македонските стручњаци од странство.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Народната канцеларија во Скопје оствари средби со граѓани кои директно ги презентираа своите проблеми, искуства, предлози и иницијативи.
Граѓаните зборувале за различни предизвици со кои се соочуваат, меѓу кои и тешкотиите при вработување, потценувањето на стручноста и компетентноста за сметка на фамилијарната, политичката или партиската припадност.
На средбите било укажано и на проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, особено во однос на нивната вклученост во процесите на одлучување и недоволната институционална грижа.
Дел од граѓаните посочиле и дека државните и локалните институции недоволно го користат знаењето и искуството на македонски граѓани кои својата стручност ја имаат докажано во странство.
Сиљановска-Давкова и нејзините соработници ги ислушале соговорниците и ги запознале со надлежностите на претседателката и улогата на Кабинетот во проследувањето на граѓанските претставки, предлози и иницијативи до надлежните институции.
Претседателката ги споделила и своите ставови за отворените прашања, како и можните начини за нивно решавање.
Од Кабинетот посочиле дека Народната канцеларија останува отворена и достапна за граѓаните, вклучително и за иницирање поширока дебата за прашања и проблеми од јавен интерес.

