МЛАДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СИ ОДАТ ОД ДОМА ДО 30,7 ГОДИНИ Во ЕУ се осамостојуваат дури 4 години порано
Македонија е меѓу земјите каде младите најдоцна го напуштаат родителскиот дом, а стапката на вработеност е само 50,2 отсто.

Младите во Македонија го напуштаат родителскиот дом во просек на 30,7 години, што е за повеќе од четири години подоцна во однос на просекот во Европската Унија, каде што младите самостојно започнуваат живот на просечна возраст од 26,3 години. Податоците на Евростат за 2025 година покажуваат значителни разлики меѓу европските земји.
Најдоцна од родителскиот дом заминуваат младите во Хрватска, со просечни 31,5 години. Следуваат Грција и Словачка со по 30,9 години, а потоа Шпанија и Италија со по 30,2 години. На другата страна се нордиските и балтичките земји. Во Финска младите го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 21,4 години, во Данска на 21,8, додека во Естонија и Литванија на 22,7 години.
И во земјите од регионот младите релативно доцна се осамостојуваат. Во Србија просечната возраст за напуштање на родителскиот дом е 30,1 година, во Босна и Херцеговина 29,5, додека во Бугарија е значително пониска 27,9 години.
Евростат укажува дека низ Европа постои тенденција младите подолго да остануваат во домовите на родителите, а податоците се поврзани и со нивната вработеност. Во 2025 година стапката на вработеност кај младите од 20 до 29 години во ЕУ изнесувала 65,5 отсто.
Во најголем дел од земјите каде што младите порано го напуштаат родителскиот дом, вработеноста кај оваа возрасна група е над просекот на ЕУ. Така, во Холандија, Данска, Германија и Шведска, каде што младите релативно рано се осамостојуваат, стапката на вработеност е повисока.
Спротивно на тоа, во земји како Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, каде што младите подоцна го напуштаат родителскиот дом, стапката на вработеност е под европскиот просек. Во Македонија, пак, стапката на вработеност кај младите од 20 до 29 години во 2025 година изнесувала 50,2 отсто, значително под просекот од 65,5 отсто во ЕУ.

