МИЦКОСКИ ВО ВАШИНГТОН – САД отвораат нови можности за инвестиции во Македонија
Премиерот оствари средби со претставници на DFC и американскиот Конгрес, во фокусот е продлабочување на стратешкото партнерство и нови економски проекти.

Повеќе значајни средби со претставници на американските институции, Конгресот и економскиот сектор оствари премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Вашингтон, при што во фокусот биле продлабочувањето на македонско-американското партнерство и отворањето нови можности за инвестиции во Македонија.
Мицкоски се сретнал со Caroline Vik, главен директор за политики и вршител на должноста главен директор за развој во Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање (DFC). Како што е соопштено, на средбата биле разгледани можностите за соработка и потенцијални американски инвестиции во Македонија, особено во енергетиката, високите технологии, инфраструктурата и други стратешки сектори.
DFC располага со инвестициски капацитет од 205 милијарди долари и е американска институција преку која се мобилизира приватен капитал за инвестиции во стратешки области.
Средби и со американски конгресмени
Во рамки на посетата, Мицкоски остварил средба и со конгресменот Keith Self, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД. На разговорот биле отворени темите поврзани со стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, заедничките интереси и можностите за понатамошно унапредување на билатералната соработка.
Премиерот се сретнал и со конгресменката Claudia Tenney, копретседавач на Македонската група за пријателство во американскиот Конгрес. Во фокусот на оваа средба биле односите меѓу двете држави, парламентарната соработка, политичкиот дијалог и размената на искуства.
Мицкоски: Нови можности за посилни односи
Мицкоски по средбите во Конгресот се огласи и на Фејсбук, каде што оцени дека вчерашниот ден го одбележале повеќе значајни средби.
„Разговори за зајакнување на македонско-американското партнерство, продлабочување на соработката и отворање нови можности за уште посилни односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави“, напиша премиерот.
Од Владата посочуваат дека посетата на Вашингтон е насочена кон зајакнување на стратешкото партнерство со САД, но и кон негово преточување во конкретни економски проекти, инвестиции и соработка во стратешки области.

