ЈОТОВА ПОВТОРНО ЗА ОМО „ИЛИНДЕН Ги спроведовме препораките, тие секогаш пропуштаат по некој документ
Бугарската потпретседателка во Стразбур разговарала со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, за предметите поврзани со македонската организација.

Пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со Обединетата македонска организација „Илинден“ биле меѓу темите за кои вчера во Стразбур разговарале бугарската потпретседателка Илијана Јотова и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Јотова по средбата изјави дека со Берсе разговарала за статусот на предметите поврзани со ОМО „Илинден“, при што изразила надеж дека постапката наскоро ќе биде завршена.
„Многу се надеваме дека на една од наредните седници таа сага ќе заврши. Го потцртав бугарскиот став, за да чуе тој од прва рака дека ние сме ги спровеле сите нивни препораки до овој момент“, изјави Јотова пред новинарите во Стразбур.
Таа посочи дека Бугарија, според неа, го променила законодавството и постапките за регистрација со цел да се овозможи регистрирање на вакви организации.
„Го променивме законот заедно со Агенцијата за регистрација, за да можат таму да се регистрираат. За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ“, рече Јотова.
Бугарската потпретседателка оцени дека прашањето со ОМО „Илинден“ често се користи во критиките кон Бугарија, вклучително и во контекст на европската интеграција на Северна Македонија.
„Оваа тема исклучително многу се користи против Бугарија. Се обидуваат да вклучат и текстови во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија, кога станува збор за евентуални спорови со Бугарија“, изјави таа.
Јотова додаде дека бугарската страна не прифаќа квалификација дека постои билатерален спор, тврдејќи дека Северна Македонија не ја почитува политиката што произлегла од таканаречениот Француски компромис.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур во повеќе предмети утврдувал повреди на правото на слобода на здружување и мирно собирање во случаи поврзани со ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“-Пирин. Меѓу позначајните се пресудите од 2005 и 2006 година, како и серијата одлуки од 2011 година. Во нив Судот утврдувал дека бугарските власти неоправдано одбивале регистрација на здружението и ограничувале собири на неговите симпатизери.
Во 2017 година, во предметот „ОМО Илинден и други против Бугарија (бр. 3)“, Судот повторно утврди повреда на членот 11 од Европската конвенција за човекови права поради одбивањето на регистрацијата. И покрај пресудите, прашањето не добило трајно решение. Во одделни постапки и по одлуките на Европскиот суд, бугарските судови повторно одбивале регистрации, поради што спорот околу статусот на ОМО „Илинден“ продолжил.
Јотова оцени дека тековните предмети треба да бидат завршени, бидејќи, како што рече, нивното продолжување „не е добро за сликата на земјата“.

