КОШТА БАРА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ Мицкоски му врати нема менување устав, а башка има 15 пресуди за Македонците во Стразбур

Со оваа средба уште еднаш се потврди јазот меѓу македонските барања за правна заштита во процесот на проширување и позицијата на Европската Унија дека договореното мора да се спроведе без дополнителни услови.

КОШТА БАРА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ Мицкоски му врати нема менување устав, а башка има 15 пресуди за Македонците во Стразбур

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска во Скопје му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека Европската Унија нема алтернатива за Македонија освен реализацијата на веќе потпишаната преговарачка рамка од 2022 година.

Во рамки на својата регионална турнеја, Кошта порача дека ЕУ останува посветена на интеграцијата на Македонија, но и дека земјата мора да продолжи со реформите, економскиот раст и зајакнување на владеењето на правото. Тој посебно ги истакна инвестициите во стратешките инфраструктурни проекти како Коридорите 8 и 10 како клучни за европската перспектива на државата.

„Го охрабрувам премиерот да вложи напори за натамошен напредок. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата“, изјави Кошта, додавајќи дека ги признава напорите на Македонија во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во однос на барањата на премиерот Мицкоски за гаранции дека Бугарија нема да блокира понатамошни чекори во евроинтеграциите и ќе ги спроведе пресудите од Европскиот суд за човекови права, Кошта беше дециден дека за Унијата нема простор за дополнителни услови.

„Јасно е што беше договорено во 2022. Сега е време тоа да се реализира. Не треба да бараме план Б. Постои само план А, а тоа е имплементација на постигнатото. Разбирам дека премиерот се повикува на претходните отстапки како промената на името, знамето и уставните измени, но сега е потребно да се испорача тоа што е веќе договорено“, порача Кошта.

Од своја страна, премиерот Мицкоски остана на ставот дека нема да прифати уставни измени без конкретни гаранции од ЕУ и Бугарија.

„Не можам да излезам пред граѓаните и да им кажам дека Уставот ќе биде променет, а притоа да заборавам дека најмалку 14 пресуди од Судот во Стразбур има за Македонците кои живеат од другата страна на границата, а кои Бугарите упортно одбиваат да ги применат. Очекуваме чиста и јасна позиција од ЕУ во однос на македонскиот идентитет и јазик. Дали некој се запрашал зошто Македонците немаат проблем Хрватите или Словенците да бидат дел од Уставот? Никој нема проблем. А зошто имаат проблем со Бугарите? Значи, има добра причина за такво нешто “, изјави Мицкоски.

Со оваа средба уште еднаш се потврди јазот меѓу македонските барања за правна заштита во процесот на проширување и позицијата на Европската Унија дека договореното мора да се спроведе без дополнителни услови.

CATEGORIES
TAGS
Share This