АХМЕТИ ЖЕСТОКО ЗА ПРЕСУДАТА ЗА ТАЧИ Неправедна и длабоко разочарувачка
Лидерот на ДУИ повика на единство и порача дека правната битка продолжува пред Апелацискиот суд.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја оцени денешната пресуда за поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и поранешните команданти на ОВК, Јакуп Красниќи, Кадри Весељи и Реџеп Сељими, како „неправедна и длабоко разочарувачка“.
Ахмети веднаш по изрекувањето на пресудата се огласи на социјалните мрежи, повикувајќи на воздржаност и единство.
„Не смееме да паднеме во никаква замка што има за цел да создаде тензии, поделби или да ја оцрни ослободителната војна на народот на Косово“, порача Ахмети.
Тој оцени дека ОВК се родила како одговор на, како што наведе, угнетувањето и дека нејзината борба била насочена кон слободата на Косово.
Ахмети: Обвиненијата за трговија со органи не се претворија во обвиненија во процесот
Во својата реакција Ахмети се осврна и на долгогодишните тврдења за наводна трговија со органи, кои беа поврзувани со ОВК и нејзините лидери.
„Поранешните тврдења за трговија со органи, кои со години ја оптоваруваа УЧК и нејзините лидери, не се претворија во обвиненија во овој процес“, напиша тој.
Според Ахмети, судот ги ослободил обвинетите од обвиненијата за злосторства против човештвото и потврдил дека целта на ОВК била независноста на Косово. Тој порача дека овие факти, според него, треба да се имаат предвид секогаш кога се прават обиди ОВК да се претстави како „криминално претпријатие“.
„Правната битка продолжува“
Ахмети очекува одбраната да ја продолжи правната битка пред Апелацискиот суд, оспорувајќи ги наодите од првостепената постапка.
„Процесот не завршува тука. Веруваме дека одбраната ќе ја продолжи правната битка во Апелацискиот суд, оспорувајќи ги наодите на првостепениот суд и барајќи правда до крај“, наведе лидерот на ДУИ.
Во заклучокот Ахмети порача дека војната на ОВК била „војна за слобода“ и дека историјата на Косово, како што оцени, не може да се препишува, ниту жртвата на косовскиот народ да биде ставена „на обвинителна клупа“.

