ВОЗАЧИ, ВНИМАНИЕ – АМСМ предупредува на одрони, еве каде има опасност и изменет сообраќај
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но на повеќе делници има изменет режим поради градежни активности, додека се предупредува и на можни одрони.

Сообраќајот на патиштата низ државата се одвива без поголеми проблеми и по суви коловози. Интензитетот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација. Посебна внимателност е потребна низ котлините, речните долини и клисурите поради можност од одрони.
Ризични се делниците Катланово -Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Изменет режим на сообраќај има на повеќе патни правци поради санација и градежни активности. Работи се изведуваат на А4 кај наплатната станица Преод, на Р1204 во Штип, како и на делницата Гостивар – Стража.
Времен режим е воспоставен и на А2 кај Желино, каде се санираат мостови на реката Вардар.
На скопската обиколница А2, од клучката Волково до клучката Кондово, се врши рехабилитација на делница долга околу 250 метри. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по останатите ленти.
Поради изградбата на Коридор 10Д, во сила е времен режим на патниот правец Прилеп – Битола. Возилата се пренасочуваат по регионалниот пат на потегот од клучката Лагово до Тополчани.
Паралелно, на делницата Смоквица – Гевгелија се изведуваат активности за поставување интерконективен гасовод под автопатот А1, поради што е поставена соодветна сигнализација.

