АХМЕТИ СО ДИРЕКТНА ПОРАКА ПРЕД ПРЕСУДАТА ВО ХАГ Албанскиот народ ги прогласува за невини
Илјадници на „Маршот за слобода“ во Приштина во поддршка на Тачи, Весели, Красниќи и Селими.

Во центарот на Приштина се одржа „Маршот за слобода“, масовен собир во знак на поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на кои им се суди пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.
На маршот учествуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој по собирот порача дека, според неговото толкување, албанскиот народ го дал својот став за четворицата обвинети.
Собирот беше организиран од граѓанската платформа „Слобода има име“, а учесниците носеа знамиња на ОВК, Албанија и САД, како и транспаренти со пораки „Без правда нема мир“, „Слобода има име“ и „Во име на народот, прогласете ги за невини“.
На централната бина беше поставен часовник кој го одбројува времето до 16 септември, кога во Хаг се очекува да бидат изречени првостепените пресуди за Тачи, Весели, Красниќи и Селими. Нивните фотографии беа истакнати и на централниот плоштад во близина на Народниот театар.
„Денеска, во Приштина, марширавме за слободата и во поддршка на ослободителите“, напиша Ахмети по завршувањето на маршот.
Тој оцени дека собирот испратил порака оти слободата не е само сеќавање на минатото, туку вредност која, како што наведе, треба да се брани и потврдува секој ден.
„Косово денеска зборуваше силно, изразувајќи благодарност кон оние кои се жртвуваа за неговата слобода и достоинство“, порача лидерот на ДУИ.
Најдиректната порака Ахмети ја упати во однос на судскиот процес во Хаг.
„Денеска албанскиот народ го даде својот јасен суд: Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими ги прогласува за невини“, напиша Ахмети.
Сепак, станува збор за политички став и порака на Ахмети по маршот, а не за судска одлука. За четворицата поранешни лидери на ОВК во тек е судска постапка пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Според информациите од Приштина, на собирот присуствувале Албанци од повеќе делови на Косово и Метохија, Албанија и Северна Македонија. Меѓу присутните биле и повоени политички лидери, како и поранешни регионални команданти на ОВК, предводени од Рамуш Харадинај. Организаторите и учесниците порачаа дека ОВК се кренала против, како што наведоа, угнетувањето и дека нејзината борба е составен дел од историјата и колективната меморија на Косово.
ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА КРИТИЧНИТЕ ТОЧКИ
Поради масовниот собир, косовската полиција засилила обезбедување околу виталните и верските објекти, како и на приодите кон средини со српско население во околината на Приштина. Ахмети по маршот порача дека ОВК е дел од историјата на Косово и дека правдата и слободата, според него, мора да одат заедно.
„Слава на сите маченици на слободата! Да живее Косово! Да живее ОВК!“, порача лидерот на ДУИ.

