ГРЦИЈА УДИРА ПО СТРАНЦИТЕ Данокот за недвижности скока од 3 на неверојатни 15 отсто

За имот од 500.000 евра, наместо 15.000, купувачот би платил дури 75.000 евра данок

ГРЦИЈА УДИРА ПО СТРАНЦИТЕ Данокот за недвижности скока од 3 на неверојатни 15 отсто
Фото: Принтскрин

Грција подготвува драстично зголемување на данокот за купување недвижности за државјани од земји надвор од Европската Унија. Наместо досегашните 3 отсто, данокот на промет би можел да достигне дури 15 отсто.

Планот го најави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун. Според грчките медиуми, новата стапка би почнала да се применува од 1 јули 2027 година, а во моментов се разработуваат деталите за нејзиното спроведување.

Зголемувањето би значело значителен дополнителен трошок за странските купувачи. За недвижност од 300.000 евра, данокот би пораснал од 9.000 на 45.000 евра. Кај имот од 500.000 евра, сумата би се зголемила од 15.000 на дури 75.000 евра.

Сè уште не е прецизирано дали мерката ќе важи и за државјани на земји надвор од ЕУ кои имаат постојан престој во Грција, како и за мешани семејства и купопродажби во кои учествуваат повеќе лица.

Владата сака да го намали притисокот врз пазарот

Грчката влада очекува повисокиот данок да ја намали странската побарувачка и да придонесе за подобра достапност на становите и куќите за грчките граѓани.

Сепак, претставниците на пазарот се повнимателни и предупредуваат дека не е сигурно оти повисокиот данок автоматски ќе доведе до намалување на цените.

Како еден од главните проблеми се посочува ограничената понуда на нови станови. Затоа, покрај мерките за ограничување на побарувачката, се смета дека е неопходно и зголемување на изградбата на новоградби.

Странските инвеститори веќе бараат алтернативи

Експертите оценуваат дека станува збор за исклучително голема промена за странските купувачи. Дел од инвеститорите веќе разгледуваат други модели, меѓу кои и купување недвижност преку компанија регистрирана во Грција.

Сепак, ваквата опција носи дополнителни правни и административни обврски и не би била практична за секој купувач.

CATEGORIES
Share This