НОВИ ПРАВИЛА, СТАРИ НАВИКИ Тротинетите и понатаму „летаат“ по тротоарите
Речиси 1.000 сообраќајни прекршоци регистрирала полицијата, а повеќе од половина се за непрописно движење по површини наменети за пешаци.

Електричните тротинети станаа секојдневна појава на градските улици, но нивното масовно користење повторно го отвора прашањето колку законските измени навистина придонесоа за поголема безбедност во сообраќајот.
И покрај правилата, голем број возачи и понатаму се движат по тротоари и пешачки зони, наместо по велосипедски патеки и ленти. Проблем останува и некористењето заштитна кацига, која кај дел од возачите речиси воопшто не се применува.
Полициските статистики покажуваат дека непрописното движење е еден од најчестите прекршоци. Повеќе од половина од регистрираните прекршоци со електрични тротинети се однесуваат токму на возење по површини наменети за пешаци.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во акциските контроли спроведени од средината на мај до крајот на јули биле констатирани речиси 1.000 сообраќајни прекршоци со електрични тротинети.
Најмногу прекршоци биле регистрирани во Битола, а потоа следуваат Струмица, Скопје, Тетово, Велес, Охрид, Куманово и Штип. Во контролите учествувала и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот.
Сепак, овие бројки главно се однесуваат на периодот пред целосната примена на новите законски правила, кои стапија на сила во средината на јули. Со измените максималната дозволена брзина е намалена од 25 на 20 километри на час, управувањето со тротинети е забрането за лица помлади од 18 години, а предвидени се и значително повисоки парични казни.
Посебно се заострени санкциите за прекршоци како користење мобилен телефон додека се управува тротинет.
Сега останува да се види дали построгите правила и повисоките казни ќе донесат промена на терен. Следниот детален биланс на МВР треба да покаже дали возачите навистина ги почитуваат новите ограничувања или тротинетите и понатаму ќе останат извор на сообраќаен неред.
Додека Македонија се обидува да најде баланс меѓу слободното користење и системите за изнајмување електрични тротинети, дел од европските градови избраа многу построг пристап. Париз, Прага, Мадрид, како и одредени градови во Британија и Ирска, воведоа различни форми на забрани, лиценцирање и дополнителна регулација.
Прашањето останува исто: дали новите правила конечно ќе внесат ред на улиците или тротинетите ќе продолжат да се движат по старите правила?

