ПОВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ГРЕЕ НА МАЗУТ Голема реконструкција на клиниката во Скопје

Ќе се реконструираат осум објекти, ќе се постави термичка изолација и ќе се инсталираат топлински пумпи, со што ќе се напушти греењето на мазут.

ПОВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ГРЕЕ НА МАЗУТ Голема реконструкција на клиниката во Скопје
Фото: Национал

Подобри услови за пациентите и медицинскиот персонал, поголема енергетска ефикасност и пониски трошоци за функционирање се очекува да донесе реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје.

За реконструкцијата се обезбедени 92,7 милиони денари без ДДВ, средства кои се обезбедени преку грант од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и преку инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Проектот ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии, по потпишувањето на Договорот за грант со Министерството за здравство. Активностите се дел од Компонентата 1б на проектот, која предвидува реконструкција и примена на мерки за енергетска ефикасност во објекти на централната власт и јавните здравствени установи.

Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.

Во рамки на проектот е предвидено поставување термичка изолација на фасадите и кровните конструкции, како и замена на старата и дотраена столарија со нова енергетски ефикасна. Ќе се врши и санација на одредени делови од објектите и санитарните јазли, а постојното осветлување ќе биде заменето со современи LED-системи.

Предвидена е и целосна модернизација на системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. На овој начин ќе се напушти досегашното загревање на мазут, што треба да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија, пониски оперативни трошоци и помало влијание врз животната средина.

Од Министерството за финансии очекуваат со реализацијата на инвестицијата значително да се подобрат енергетските карактеристики на клиниката, но и да се создадат посовремени и пофункционални услови за работа на медицинскиот персонал, како и поквалитетни услови за престој, третман и лекување на пациентите.

Реконструкцијата е дел од пошироките активности за модернизација на јавната здравствена инфраструктура, унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти и поефикасно користење на јавните средства.

CATEGORIES
Share This