КУПЕНА ЗА МИЛИОНИ, НО НЕ РАБОТЕЛА Мобилната лабораторија за нафта без ниту една анализа во 2024
Ревизијата откри низа слабости во финансиското работење, наплатата и евиденцијата, а мобилната лабораторија вредна над 62 милиони денари во 2024 година не извршила ниту една анализа.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди низа неправилности во работењето на Бирото за метрологија во 2024 година, поради што изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива.
Ревизијата покажа дека средства во вредност од 145,2 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, набавени во претходните години, не биле евидентирани во деловните книги и билансот на Бирото поради неизвршено примопредавање со Министерството за економија и труд.
Дополнително, за пломби, жигови, жиг-налепници и записници набавени во 2024 година во вредност од 4,3 милиони денари не била воспоставена соодветна сметководствена и материјална евиденција.
ДЗР констатирал и слабости во евидентирањето и наплатата на побарувањата, како и значително доцнење во фактурирањето на услугите. Од вкупно фактурираните 183 милиони денари за верификација во 2024 година, околу 82 милиони денари се однесувале на барања поднесени во периодот од 2018 до 2023 година.
Посебно е истакната неефикасната употреба на мобилната лабораторија за испитување на квалитетот на нафтата и нафтените деривати. За лабораторијата во 2019 година биле издвоени 37,4 милиони денари, а во 2021 година дополнително 24,8 милиони денари. Сепак, во текот на 2024 година преку неа не биле извршени анализи, бидејќи Бирото не добило барања од Државниот пазарен инспекторат.
Ревизијата утврдила и слабости во контролата на приходите од овластените правни лица, кои имаат обврска да уплаќаат 20 отсто од вредноста на извршените услуги. Уплатите доцнеле од шест до девет месеци, што создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата.
За надминување на констатираните слабости, ДЗР дал повеќе препораки до Бирото за метрологија.

