СТРАШНИ ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕВРЕМЕТО Почна пријавување на штети, уништени 1.500 хектари, земјоделците со преполовени приходи
Штетите достигнуваат до 100 проценти, а најпогодени се тутунот и пиперката „ајварка“ рокот за пријавување истекува на 1 септември.

До вторник, 1 септември, земјоделците од Прилепско-Долненскиот Регион ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето што го зафати регионот на 24 август. Според првичните проценки, невремето оштетило околу 1.500 хектари земјоделски површини, а најголеми штети има кај тутунот, пиперката и пченката.
Комисијата за проценка на штетите е веќе на терен, а досега повеќе од 50 земјоделци поднеле барања за утврдување на претрпените штети. Проценките покажуваат дека оштетувањата се движат од 50 до 100 проценти.
Најпогоден е тутунот во Долненско, додека пиперката „ајварка“ е целосно уништена во делови од прилепскиот регион, особено во атарот на Големо Коњари.
„Станува збор за површина од околу 1.500 хектари на територијата на општините Долнени и Прилеп. Најголем дел од штетите се на површините со тутун, потоа со пиперка и пченка. Првичните проценки од теренот укажуваат дека средината од втората, третата и четвртата берба на тутунот се целосно уништени, зависно од регионот“, вели Николче Карапеески, претседател на Комисијата за утврдување штети во земјоделството и раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Прилеп.
По завршувањето на пријавувањето, Комисијата ќе изврши проценка на терен и ќе подготви елаборат, кој ќе биде доставен до локалната самоуправа. Општинскиот совет треба да го усвои елаборатот и да го достави до Владата, која ќе го утврди износот на обештетувањето.
Карапеески посочува дека станува збор за сериозни штети, бидејќи се зафатени бербите на тутунот кои се сметаат за најквалитетни.
„Тоа за земјоделците значи преполовено производство и преполовен приход од родот“, додава тој.
Најголеми штети кај тутунот и пиперката
Од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија велат дека штетите се движат меѓу 50 и 100 проценти, што дополнително ќе влијае врз вкупниот тутунски род. Најголеми оштетувања кај тутунот се регистрирани во атарите на долненските села Дебреште, Ропотово, Новоселани, Заполжани и Мажучиште, како и во прилепскиот атар на Големо Коњари.
„Во атарот на Големо Коњари пиперката ајварка е уништена сто проценти. Кај тутунот најголеми оштетувања има во атарите на Дебреште, Ропотово, Новоселани, Заполжани, Мажучиште, а во Прилепско во атарот на Големо Коњари. Таму првичните проценки укажуваат на стопроцентно уништување на родот на тутунот“, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
Според него, последиците од невремето ќе се почувствуваат и врз вкупното производство на тутун. Наместо очекуваните околу 30.000 тони, проценките се дека годинава ќе бидат произведени меѓу 25.000 и 26.000 тони.
Земјоделците бараат промени во осигурувањето
Земјоделците повторно го отвораат и прашањето за осигурувањето на земјоделските култури. Тие сметаат дека условите што ги нудат осигурителните компании се неповолни, и покрај тоа што државата субвенционира 60 проценти од полисата. Во Прилепско, според податоците на Сојузот, има само околу 100 барања за осигурување на земјоделскиот род, што се оценува како недоволно.
Сојузот на земјоделските здруженија најавува дека ќе побара враќање на поранешниот модел на осигурување – при склучувањето на договорот за производство на тутун да се склучува и полиса за осигурување.
„Осигурителните компании, на некој начин, ги изигруваат земјоделците. Како Сојуз правиме напори да го вратиме стариот начин на осигурување, односно при самото склучување на договорот за производство на тутун да се склучи и полиса за осигурување“, вели Ристески.
Од Сојузот предлагаат и државата да воведе услов за осигурителните компании – компанија што сака да добие лиценца за осигурување да биде обврзана да осигура најмалку пет проценти од земјоделските површини.
„Тоа државата може многу лесно да го реши со осигурителните компании. Ако компанијата сака да добие лиценца за осигурување, треба пет проценти од површините со посеви да ги осигура. Во спротивно, да не ја добие лиценцата. Тоа е најчесниот начин да ги натераме осигурителните компании да го осигуруваат земјоделскиот род“, смета Ристески.
https://nacionalno.mk/golema-shteta-vo-prilepsko-grad-so-golemina-na-orev-unishti-do-1-100-hektari-nasadi/

