ПЕКОЛНА НОЌА НА ПЕЛИСТЕР Пожарот локализиран, двајца повредени

Двајца припадници на единиците се повредени во текот на ноќта, нивната состојба е стабилна.

ПЕКОЛНА НОЌА НА ПЕЛИСТЕР Пожарот локализиран, двајца повредени
Фото: Принтскрин

Пожарот што вчера попладнето избувна во Националниот парк „Пелистер“ е целосно локализиран, но опасноста од негово повторно активирање и ширење и натаму е голема, особено во зависност од временските услови.

Во текот на ноќта, при гаснењето на пожарот, повредени се двајца припадници на единиците кои учествувале во акцијата. Според директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски, нивната здравствена состојба е стабилна.

„После пеколната ноќ на терен, во која дејствуваа екипите на НП „Пелистер“, ППТЕ Битола, ДПД „Архангел“ и механизацијата на јавните претпријатија од Битола, пожарот е целосно локализиран. Опасноста за негово понатамошно активирање и ширење и понатаму е голема и во голема мера зависи од временските услови“, изјави Тошевски.

Тој информираше дека екипите продолжуваат со дејствување на терен, со поддршка од армиски хеликоптер. Подоцна се очекува да пристигнат и екипи од ДПД Кочани, како и два „ер трактори“.

Во акцијата за справување со пожарот се вклучени и екипи на Територијалната противпожарна единица од Битола, јавните претпријатија со механизација, како и приватни компании со тешка механизација.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, утрово информираше дека состојбата е стабилна и апелираше до граѓаните на особено внимателно и одговорно однесување во шумските предели.

Пожарот избувна вчера околу 15 часот во близина на овоштарници во атарот на ресенското село Мази. Во гаснењето беа ангажирани копнени екипи, како и „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пред полноќ огнот беше ставен под контрола, но екипите кои интервенираа од земја останаа на терен во текот на целата ноќ поради опасноста од повторно активирање на огнената стихија.

CATEGORIES
Share This