ПОЕВТИНУВА УЧИЛИШНИОТ ПРИБОР Еве колку ќе се намалат цените и до кога ќе трае мерката
Владата воведува намалување од најмалку 15 отсто во малопродажба – мерката опфаќа ранци, тетратки, моливи, боици, пенкала и уште многу производи.

Владата донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, со која треба да им се олеснат трошоците на семејствата во пресрет на почетокот на новата учебна година.
Мерката ќе започне да се применува по објавувањето во „Службен весник“ и ќе важи до 30 септември 2026 година.
Согласно одлуката, трговците на големо ќе треба да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 отсто, додека во малопродажбата намалувањето ќе треба да изнесува најмалку 15 отсто.
Опфатени се бројни производи потребни за учениците, меѓу кои ранци и училишни ташни, тетратки, блокови, моливи, пенкала, боици, фломастери, текст-маркери, пластелин, темперни, акрилни и водени бои, четки, линијари и различни дидактички материјали.
На листата се и гуми за бришење, острилки, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки, картонски ташни и други производи неопходни за училиште.
Трговците ќе мора јасно да го прикажуваат намалувањето. Освен актуелната цена, на производите ќе треба да биде наведена и цената што важела на 1 јуни 2026 година, која ќе претставува основа за пресметување на попустот.
Од Владата посочуваат дека целта е да се намали финансискиот притисок врз родителите во периодот кога трошоците на домаќинствата се зголемуваат поради подготовките за новата учебна година
РОДИТЕЛИ, ПОДГОТВЕТЕ СЕ Владата во вторник носи одлука за „училишната кошничка“

