Е- НАУКА СТАРТУВА Македонија доби прв национален регистар на истражувачи
229 научници веќе се регистрирани, а преку новиот портал бизнисите ќе можат полесно да ги пронајдат истражувачите и нивните научни резултати.

Министерството за образование и наука денеска го промовираше порталот „Е-наука“, единствена национална електронска база на податоци за истражувачите кои вршат научноистражувачка дејност во земјава.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека порталот треба да придонесе научната мисла да стане повидлива и подобро поврзана со бизнис-секторот, со цел знаењето и истражувачкиот потенцијал да се претворат во економска вредност и иновации.
„Е-наука“ содржи податоци за истражувачи и научноистражувачки организации, како и статистики и индикатори поврзани со нивната работа. Порталот е поврзан со глобалните научни бази Web of Science, Scopus и Google Scholar, овозможувајќи увид во научните резултати, цитираноста и Хиршовиот индекс (h-index).
Јаневска ги повика истражувачите од државните и приватните универзитети и високообразовни установи, научните институти, МАНУ, како и самостојните истражувачи да се регистрираат во националниот електронски регистар. Повик упати и до македонските истражувачи кои работат на странски универзитети, со цел да се создаде поширока научна мрежа.
Според министерката, регистрацијата ќе овозможи полесно поврзување на научниците со индустријата. Преку напредното пребарување, компаниите ќе можат да пронајдат истражувачи од конкретни области, што би требало да отвори простор за нови партнерства и развој на иновативни решенија.
Придобивки има и за јавниот сектор, бидејќи институциите, агенциите и фондовите ќе добијат подобар преглед на националните истражувачки капацитети, како и можност за носење одлуки засновани на научни докази.
Порталот е достапен и за странски универзитети, меѓународни истражувачки конзорциуми и мултинационални центри за истражување и развој. Тоа, според МОН, може да придонесе за повеќе заеднички апликации за грантови, меѓународни научни соработки и коавторства.
Досега на „Е-наука“ се регистрирани 229 истражувачи. За секој од нив се прикажуваат податоци за образованието, работното место, научното звање, институцијата или факултетот, научното поле и научноистражувачката идентификација, како и податоци од Scopus, Web of Science и Google Scholar.
Во моментов регистрацијата е доброволна, но Јаневска најави дека со понатамошниот развој на системот таа би можела да стане и задолжителна.
Министерката информираше и дека МОН во последните две години го зголемува буџетот за научноистражувачка дејност. Од 380 милиони денари во 2024 година, издвојувањата во 2025 година достигнале 680 милиони денари, додека годинава се предвидени 773 милиони денари. Во тек е и реализација на научноистражувачки проекти од национален интерес во вредност од над 370 милиони денари.
Јаневска посочи дека за кадарот на факултетите и научните установи е обезбеден и бесплатен пристап до базите Web of Science и Scopus.
На прашање за контролите во високото образование и научните институти, таа рече дека процесот ќе продолжи. Досега, според неа, се затворени 18 установи поради утврдени неправилности.
Таа додаде дека Агенцијата за квалитет во високото образование веќе спроведува евалуации, при што се затвораат и несоодветни студиски програми на факултетите.
Според Јаневска, целта на реформите е да се подигне квалитетот на високото образование и научната дејност, бидејќи институциите кои се декларираат како научни установи треба навистина да се занимаваат со научноистражувачка работа.
Линк до порталот ТУКА.

