Министерството за внатрешни работи (МВР), преку Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност, алармира за зголемен број фишинг напади насочени кон македонски граѓани и компании. Станува збор за е-пораки во кои се злоупотребуваат имињата на домашни компании, а целта е неовластено прибавување лични податоци.
Според МВР, во овие пораки лажно се тврди дека примачот сторил повреда на авторски права, при што се прикачени линкови што водат до наводна документација или барање за преземање активности. Граѓаните се предупредуваат да не отвораат линкови или прилози од вакви пораки, да не одговараат на нив, како и да не споделуваат никакви лични информации. Наместо тоа, пораките треба веднаш да се избришат.
„Важно е граѓаните и компаниите да бидат свесни дека овие пораки не се испратени од легитимни извори и се обид за интернет измама“, потенцираат од МВР.
Секторот за компјутерски криминал веќе презема мерки и води постапки за справување со ваквиот вид сајбер-криминал. Од Министерството појаснуваат дека фишинг обидите не се ограничени само на електронска пошта – тие можат да се појават и преку социјални мрежи, СМС пораки или телефонски повици.
МВР упатува апел до сите граѓани кои добиле ваква порака или станале жртва на интернет измама, веднаш да го пријават случајот во најблиската полициска станица.
Во интерес на заштита на личните податоци и спречување на евентуални злоупотреби, МВР ги советува граѓаните да бидат особено внимателни при добивање сомнителни пораки и да не споделуваат информации со непознати лица или субјекти со неутврден идентитет.