ЗАСИЛЕНИ КОНТРОЛИ НА ОХРИДСКО ЕЗЕРО Кој нема уредни документи може да остане без пловилото
Царината и МВР контролирале 38 пловни објекти, а проверките на нивниот царински статус продолжуваат

Царинските служби, во координација со Министерството за внатрешни работи, извршија контрола на 38 пловни објекти на Охридското Езеро. При контролите биле проверувани царинскиот статус на пловилата, како и лицата кои управуваат со нив, согласно Царинскиот закон, Законот за внатрешна пловидба и останатите прописи што го регулираат увозот, прометот и користењето на пловни објекти.
Според управникот на Царинарница Битола, Ѓоко Трпоски, во изминатиот период е забележано зголемување на бројот на случаи во кои се платени увозни давачки за пловила внесени во земјава под режим на привремен увоз. Тој посочува дека ова е показател дека засилените контроли даваат резултати.
Целта на акциите е да се утврди дали пловните објекти внесени во државата имаат уреден царински статус. Посебно внимание се посветува на пловилата внесени со привремен увоз, кои може да се користат во земјава само во законски утврдениот рок. По истекот на рокот, доколку не бидат повторно извезени и не ја напуштат државата, сопствениците се должни да го регулираат нивниот статус и да ги оцарат како редовен увоз.
Началникот на Одделението за оперативни работи, Душан Размовски, најави дека мобилните царински тимови ќе продолжат со засилени контроли. За секое прекршување на законските одредби ќе следуваат соодветни санкции, кои, зависно од прекршокот, може да вклучуваат и одземање на пловниот објект.

