КОГА СИТЕ БЕГААТ ОД ОГНОТ, ТОЈ ВЛЕГОЛ ВО НЕГО Храбриот потег на тракторист од Пелагонија
Александар Чепиговски од Ивањевци со трактор влегол директно во огнената линија и помогнал да се спречи пожарот да стигне до куќите во Лознани.

Храбар тракторист од битолското село Ивањевци со својот трактор директно влегол во огнената линија и помогнал да се спречи ширењето на големиот пожар кој вчера ги загрозуваше пелагониските села Лознани, Ивањевци и Новоселани.
Станува збор за 34-годишниот Александар Чепиговски, кој со тракторот орал низ пожарот, со што прекинал дел од огнената линија која се движела кон куќите во Лознани.
Пожарот во Лознани синоќа бил локализиран по повеќечасовна борба со огнената стихија. Огнот се приближил на околу 50 метри од првите куќи, а постоела опасност да се прошири и кон Ивањевци и Новоселани.
Во гаснењето учествувале локалните жители, 20 доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Архангел“, Битолската противпожарна единица и четири возила „пинцгауер“ на ДЗС.
Во пожарот било повредено и едно лице од локалното население, најверојатно со изгореници на дланките. Лицето било пренесено на лекување во Битолската болница.
Вчера на територијата на Македонија биле регистрирани вкупно 40 пожари на отворено, од кои шест биле активни. Во дел од пожарите, со навремена реакција и ангажман на пожарникарите, припадниците на ДЗС и локалното население, биле спасувани и населени места.

