ЕДНА ЖЕНА, ЕДНА НИШКА И ПОЧЕТОКОТ НА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА Откриен новиот лик на „Браќа Манаки“

Баба Деспина, браќата Манаки, Киро Урдин и Горан Тачевски се дел од моќниот визуелен концепт на 47. издание на фестивалот.

ЕДНА ЖЕНА, ЕДНА НИШКА И ПОЧЕТОКОТ НА МАКЕДОНСКАТА КИНЕМАТОГРАФИЈА Откриен новиот лик на „Браќа Манаки“
Фото: Принтскрин

„Ткајачи на филм“ е темата на визуелниот идентитет на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој годинава ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола. Визуелното решение е дело на уметницата и графичка дизајнерка Вања Штркова, членка на тимот на „Њу Момент“, а во него се споени историското наследство на браќата Манаки, уметноста и современата фотографија.

Централна инспирација е првиот кадар снимен со филмска камера на Балканот од браќата Манаки – снимката на Баба Деспина како преде. Во визуелниот концепт е интегрирано и дело на светски познатиот македонски уметник Киро Урдин, како и фотографии на Горан Тачевски, фотограф со повеќе од пет децении професионално искуство.

„Македонската кинематографија е родена од слика на жена која преде. Од Баба Деспина и првите кадри на браќата Манаки, па сè до денес, нашите филмски автори ткаат приказни што го чуваат нашето минато, но истовремено го отвораат погледот кон светот“, вели директорот на фестивалот Димитрија Доксевски.

Според него, „Ткајачи на филм“ не е само визуелна тема, туку и симболично потсетување на долгата традиција на филмско раскажување во Македонија. Особена симболика има и приближувањето кон 2027 година, кога ќе се одбележат 75 години од „Фросина“, првиот македонски долгометражен игран филм, чиј главен лик исто така е ткајачка.

Штркова објаснува дека идејата за визуелниот идентитет произлегла од паралелата меѓу создавањето филм и ткаењето. Како што од одделни нишки се создава целина, така филмските автори од светлина, движење и време создаваат приказни.

„Камерата е нивниот творечки инструмент. Таа не само што ја забележува реалноста, туку овозможува да биде преобликувана, почувствувана и раскажана на нов начин. Затоа во постерот камерата и роданот се претопени еден во друг и се поврзани со иста нишка – нишката на човечката потреба да создава и да раскажува“, вели Штркова.

Во визуелниот идентитет е вклучен и фотографот Горан Тачевски, кој повеќе од 50 години работи во документарната, модната, портретната и комерцијалната фотографија. Во текот на кариерата соработувал со светски брендови, агенции, познати личности и престижни изданија како „Vogue“, „Elle“, „Harper’s Bazaar“, „Le Monde“ и „The New York Times“.

Неговиот фотографски поглед на Македонија ја дополнува фестивалската приказна преку фотографии што ја претставуваат земјата како простор на силни карактери, автентични моменти и сцени со филмска атмосфера.

  1. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, со поддршка од Агенцијата за филм, Општина Битола и Кинотеката на Македонија.

Визуелниот идентитет го потпишува „Њу Момент“, агенција која во своето 33-годишно постоење има реализирано дел од најпознатите постери за Скопскиот џез фестивал, Млад отворен театар и „Охридско лето“. Во своето портфолио има и бројни меѓународни признанија, меѓу кои Титаниумски и Сребрен лав од фестивалот на креативноста во Кан.

CATEGORIES
Share This