ТРПЧЕСКИ СО ПОРАКА ШТО ОДЕКНА ВО ОХРИД Сите си го сакаме бисерот на Македонија

„Нешто ми се буричка внатре“ – светски познатиот пијанист со емотивна исповед, македонски песни и силна порака од Античкиот театар

ТРПЧЕСКИ СО ПОРАКА ШТО ОДЕКНА ВО ОХРИД Сите си го сакаме бисерот на Македонија
Фото: Принтскрин

Македонскиот пијанист со светска слава Симон Трпчески приреди емотивна концертна вечер во Античкиот театар во Охрид, исполнета со музика, лични спомени и љубов кон градот кој, како што самиот рече, за него е многу повеќе од туристичка дестинација.

„Сите си го сакаме бисерот на Македонија, Охрид. Сега полесно се стигнува, а уште полесно ќе се стигнува. Убаво е што се освестуваме полека. Да си помогнеме себеси, да ни е убаво за подобро утре“, порача Трпчески, осврнувајќи се и на изградбата на автопатот Охрид–Кичево.

За него, враќањето во Охрид секогаш носи посебни чувства. Токму тука, во 1993 или 1994 година, го одржал својот прв солистички концерт, а на Античкиот театар повторно настапил по повеќе од една деценија.

„Секоја година како помлад ја поминував во Охрид и буквално секојпат кога ќе доаѓам нешто ми се буричка внатре. Многумина од нас како деца немавме можност да излеземе надвор од Македонија“, раскажа пијанистот.

На програмата беа дела од Фредерик Шопен, Едвард Григ и современиот француски композитор Гијом Конесон. Но, Трпчески не остана само зад пијаното – меѓу композициите разговараше со публиката, споделувајќи лични приказни, сеќавања и асоцијации поврзани со музиката. Посебен момент од вечерта беше настапот со делови од „Македонисимо“, проектот во кој македонската традиционална музика добива современ звук преку аранжманите на композиторот Панде Шахов.

„Овој сплет раскажува многу за најразлични животни приказни, вклучително и мојата лична. Затоа мајка ми може романи да пишува и да ми раскажува еден куп приказни“, рече Трпчески.

Заедно со публиката, тој ги запеа „Врана коња јавам јас“ и „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, а концертот на крајот беше заокружен со охридската народна песна „Деспина“, на која исто така запеа целата публика. Во првиот ред беа неговата мајка Нетка, сопругата Даниела, синовите Стефан и Андреј и ќерката Лара. Трпчески во текот на концертот често погледнуваше кон нив со насмевка, а дел од неговите колеги на сцената исто така беа придружувани од своите семејства.

Со „Македонисимо“ настапија и виолинистот Александар Краповски, кој работи во Операта во Барселона, виолончелистот Александар Сомов од Бугарија, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на удиралки. Трпчески се присети и на својот покоен татко Ѓорѓија, кој потекнувал од струшкото село Збажди. Во негова чест, ансамблот „Македонисимо“ во 2022 година таму го одржал својот прв концерт.

„Следната година, ‘Македонисимо’ слави 10 години. Досега бевме во повеќе од 20 светски земји“, рече Трпчески.

Од сцената тој ги поздрави и странските гости кои дошле на концертот, испраќајќи им порака на англиски јазик:

„Добредојдовте во нашиот бисер и ви благодариме што нè поддржувате“.

На бис, Трпчески отсвири уште неколку композиции посветени на Охрид, а на сцената му се придружи и охридскиот гитарист Дејан Милески.

Концертот беше во организација на продукцијата „Прагма“, а за Трпчески музичката вечер во Охрид беше уште една средба со градот со кој го поврзуваат спомени, семејство и почетоците на неговата концертна кариера. По Охрид, Трпчески вечерва продолжува со концерт во Хераклеја во Битола.

CATEGORIES
Share This