КРАЈОТ НА КЕШОТ Ова е новиот начин на плаќање што експлодира во еврозоната
Плаќањето со телефон или паметен часовник скокнало од 36% на 68% за само една година.

Готовината и натаму останува широко застапен начин на плаќање во еврозоната, но навиките на потрошувачите и понудата на компаниите постепено се менуваат во корист на дигиталните решенија. Ова го покажува најновото истражување на Европската централна банка (ЕЦБ), спроведено меѓу 8.205 компании од 21 земја во еврозоната.
Според резултатите, дури 92 отсто од компаниите сè уште прифаќаат плаќање во готово. Сепак, паралелно со тоа растат инвестициите во безготовински системи и самопослужни каси, со што се намалува бројот на продажни места на кои е можно плаќање со банкноти и монети.
Околу една четвртина од компаниите веќе инвестирале во безготовински каси, додека 13 отсто вовеле самопослужни каси. Кај речиси половина од овие терминали, односно 48 отсто, не постои можност за плаќање во готово.
Картичките и понатаму се најзастапена безготовинска опција. Плаќање со картичка прифаќаат 88 отсто од компаниите, што е речиси непроменето во однос на истражувањето од 2024 година.
Најзначаен раст, сепак, бележат плаќањата преку паметни уреди. Уделот на компаниите што овозможуваат плаќање со паметен телефон или паметен часовник се зголемил од 36 отсто во 2024 година на 68 отсто во најновото истражување.
Резултатите на ЕЦБ покажуваат дека готовината не исчезнува, но нејзината практичност постепено се намалува. Со забрзаното ширење на дигиталните и самопослужните системи, начинот на кој граѓаните во еврозоната плаќаат за производи и услуги се менува сè побрзо.

