ЃОРЃИОСКИ ИЗЛЕГУВА ОД ПРИТВОР Судот прифати гаранција од 508.000 евра
Кривичниот суд ја укина мерката притвор и определи гаранција со мерки на претпазливост.

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, излегува од притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за укинување на мерката и му определи гаранција во комбинација со мерки на претпазливост.
Од Судот потврдуваат дека е прифатена гаранција во имот во вредност од 508.000 евра. Дополнително, од Кривичниот суд информираат дека Обвинителството дало позитивно мислење за укинување на притворот и определување гаранција со мерки на претпазливост.
Притворот е укинат и за Томислав Младеновски и Ѓоко Чубриновски, на кои исто така им се определени гаранции и мерки на претпазливост. За Младеновски гаранцијата изнесува 206.000 евра, додека Чубриновски ќе гарантира со имот вреден 1,6 милиони евра.
Првично беше објавено дека Ѓорѓиоски ќе биде префрлен во домашен притвор, но од Кривичниот суд појаснуваат дека мерката притвор му е целосно укината и заменета со гаранција и мерки на претпазливост.
Во истиот предмет е опфатен и поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кому претходно му беше определен домашен притвор, а потоа обезбеди гаранција во вредност од еден милион евра.
Со последните одлуки, Ѓорѓиоски, Младеновски и Чубриновски ќе ја продолжат постапката на слобода, со обврска да ги почитуваат мерките на претпазливост определени од судот.
ИСТРАГА ШТО ГО ТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Поранешниот претседател на ФФМ приведен со уште 15 лица

