ММФ ПРЕДЛАГА ПЕНЗИСКИ РЕФОРМИ, НО ВЛАДАТА ИМА ЕДЕН УСЛОВ Нема зголемување на старосната граница
ММФ најавува промени во правилата за усогласување на пензиите, придонесите и возраста за пензионирање, но конечната одлука останува кај македонските власти.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) најавува препораки за параметарски промени во македонскиот пензиски систем, кои би можеле да ги опфатат начинот на усогласување на пензиите, возраста за пензионирање и висината на пензиските придонеси. Од Фондот за „Фокус“ порачуваат дека конечната одлука за евентуалните промени ќе биде на македонските власти.
Причината за ваквите препораки е растечкиот долгорочен финансиски притисок врз пензискиот систем, предизвикан од стареењето на населението, иселувањето и побавниот раст на бројот на осигуреници во однос на бројот на пензионери. ММФ во својот извештај за Македонија за 2026 година предупредува дека без реформи, пензиските расходи ќе претставуваат сè поголем товар за јавните финансии.
Како можни мерки се посочуваат промена на правилата за усогласување на пензиите, корекција на старосната граница за пензионирање и промена на стапките на придонесите. Станува збор за таканаречена параметарска реформа, односно промена на клучните правила во постојниот систем, без негово целосно укинување или замена со нов модел.
ММФ и во извештајот од 2025 година препорача пензиите да се усогласуваат според јасно дефинирани правила, да се разгледа можноста за зголемување на придонесите и да се изедначи возраста за пензионирање на мажите и жените. Во моментов, старосната граница изнесува 64 години за мажи и 62 години за жени.
Финансиската состојба на пензискиот систем дополнително ја нагласува потребата од промени. Според ревизорските податоци дури 36,71 отсто од приходите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се обезбедуваат преку трансфери од државниот буџет, бидејќи приходите од придонеси не се доволни за покривање на расходите.
Во 2024 година од пензиски придонеси биле собрани околу 71,4 милијарди денари, додека расходите за пензии достигнале приближно 90,3 милијарди денари. Дополнително, долгот кон вториот пензиски столб изнесува околу 42 милиони евра.
Од ММФ, сепак, нагласуваат дека тие немаат улога во носењето политички одлуки.
„Сите политички одлуки се прерогатив на властите“, порачуваат од Фондот, истакнувајќи дека нивната улога е да обезбедат технички совети и да го споделат меѓународното искуство.
Владата претходно побара од ММФ и Светската банка да направат анализа на првиот и вториот пензиски столб, со посебен фокус на финансиската одржливост, буџетските трансфери и демографските притисоци врз системот.
Во меѓувреме, власта категорично најавува дека нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дијана Илиевска, истакна дека Владата останува посветена на подобрување на животниот стандард на пензионерите.
Таа потсети на линеарното зголемување на пензиите за 7.000 денари, оценувајќи дека мерката значи дополнителни средства за пензионерите и нивните семејства. Според неа, во домаќинствата каде што двајцата членови се пензионери, зголемувањето носи дополнителни 14.000 денари месечно.
Илиевска порача дека, и покрај финансиските предизвици со кои се соочува пензискиот систем, ставот на Владата останува непроменет – старосната граница за пензионирање нема да се зголемува.
Така, додека ММФ најавува препораки за промена на клучни параметри во пензискиот систем, од Владата засега испраќаат јасна порака дека евентуалните реформи нема да значат зголемување на возраста за пензионирање.

