25 ГОДИНИ ОД ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР Владата денеска со свечена седница, ДУИ со голема прослава

Четврт век по потпишувањето на договорот што стави крај на конфликтот од 2001 година, годишнината повторно ги отвора прашањата за неговото наследство и иднината.

25 ГОДИНИ ОД ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР Владата денеска со свечена седница, ДУИ со голема прослава
Фото: Принтскрин

Во Владата денеска ќе се одржи свечена седница по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. На седницата, која ќе се одржи во Свечената сала на Владата, ќе се обратат првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Настанот ќе може да се следи во живо преку официјалните профили на Владата на „Фејсбук“ и „Јутјуб“.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во Скопје, по повеќемесечни преговори што се одвиваа во Охрид. Договорот беше склучен во текот на вооружениот конфликт меѓу македонските безбедносни сили и ОНА, со цел политичко и институционално надминување на кризата и ставање крај на конфликтот. Преговорите се одвиваа во вилата „Билјана“ во Охрид во периодот од јули до август 2001 година, по што договорот го доби името Охридски рамковен договор.

Во преговорите учествуваа тогашниот претседател Борис Трајковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, претседателот на ПДП Имер Имери и претседателот на ДПА Арбен Џафери. Договорот беше потпишан во присуство на специјалните претставници на Европската унија и САД, Франсоа Леотар, Хавиер Солана, Питер Фејт и Џејмс Пердју.

По повод годишнината, вчера Министерството за односи со заедниците организираше панел-дискусија на која беа испратени пораки за продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеење на правото и европската интеграција.

Одбележувањето продолжува денеска со свечената седница на Владата, додека Демократската унија за интеграција, предводена од Али Ахмети, организира посебна прослава под наслов „25 години од Охридскиот мировен договор – наследството, предизвиците и иднината“ во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.

По четврт век, годишнината од потпишувањето повторно го отвора прашањето за наследството на договорот, неговото влијание врз политичкиот и институционалниот развој на државата, како и предизвиците што остануваат за иднината.

CATEGORIES
TAGS
Share This