МУЦУНСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ – ЕУ патот не смее да ја обезличи Македонија

Новиот модел за проширување се подготвува за октомври – Скопје бара гаранции, јасно разграничување од билатералните спорови и конечна цел: полноправно членство

МУЦУНСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ – ЕУ патот не смее да ја обезличи Македонија
Фото: Национал

Динамиката околу реформата на процесот за проширување на Европската Унија се забрзува. По серијата објавени нон-пејпери, меѓу кои особено внимание привлече документот на францускиот претседател и германскиот канцелар, во Брисел се отвора дебата за нов модел на проширување, кој се очекува да биде презентиран на Европскиот совет во октомври.

Новиот концепт треба да донесе попредвидлив процес и нова димензија во односите со земјите кандидати.

„Целта е да се создаде нов концепт, којшто се надеваме ќе биде попредвидлив. Точно е дека се совпаѓа со дебатата за повеќегодишниот буџет којшто ЕУ ќе треба да го донесе во следниот период“, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во телевизиско гостување.

За Македонија клучно е новиот модел да не стане алтернатива на полноправното членство, туку механизам што ќе овозможи земјите кандидати порано да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција. Муцунски посочи дека сигналите што ги добива Скопје се во насока на обезбедување дополнителни придобивки за земјите кандидати во текот на преговорите, но нагласи дека крајната цел мора да остане полноправното членство во Унијата.

„Ние сепак не сме земја членка. Можеме да дадеме наше гледиште, наш импут, но не сме помеѓу оние коишто одлучуваат“, порача тој.

Една од главните позиции на македонската Влада е јасно разграничување меѓу европските реформи и билатералните прашања.

„Тоа што го бараме е јасно разграничување меѓу суштинските реформи и билатералните прашања. Јасно им укажуваме на сите земји членки дека треба да се стави крај на барањата што се однесуваат на нашиот јазик, идентитет и историја“, нагласи Муцунски.

Според министерот, за Македонија се особено важни две прашања. Првото е обезбедување гаранции дека процесот на пристапување ќе биде предвидлив. Како можен модел тој ги посочи уставните измени со одложена примена, но и можноста за јасни гаранции од европските институции. Второто прашање е принципот на меѓународен реципроцитет во областа на човековите права.

„Кога Бугарија очекува од нас да го внесеме бугарското малцинство во Уставот, најмалку што може да направи е да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во делот на правата на Македонците кои живеат во Бугарија“, истакна Муцунски.

Муцунски смета дека со овие принципи може да се дојде до решение кое ќе биде одржливо и нема повторно да ја враќа државата во политичка блокада. Тој оцени дека решението прифатено од претходната Влада е неприфатливо и може да создаде дополнителна криза во процесот на европската интеграција. Во исто време, потсети дека Македонија веќе направила крупни отстапки на својот европски пат, вклучително и промената на името.

Министерот порача дека Македонија заслужува да биде оценувана според европските вредности и критериуми, а не според дополнителни билатерални условувања.

„Не смееме да дозволиме патот кон Европската Унија да нè обезличи како држава и како народ. На нас е да бараме решение – решение што ќе биде достоинствено и одржливо“, порача Муцунски.

CATEGORIES
Share This