415 ХЕРЦИ И БАРОКНО ГУДАЛО Костов и Созовска открија како звучел барокот во минатото

Концертот покажа како историските инструменти и штимови можат да создадат автентично барокно доживување.

415 ХЕРЦИ И БАРОКНО ГУДАЛО Костов и Созовска открија како звучел барокот во минатото
Фото: Принтскрин

Камерниот концерт на виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска синоќа во црквата „Света Софија“ беше едно од впечатливите музички доживувања на фестивалот „Охридско лето“. Врвните македонски уметници пред фестивалската публика приредија автентично музичко патување низ раскошот на барокната музика.

Концертот започна со „Инвенција оп. 10 бр. 4“ во ге-мол за виолина и басо континуо од италијанскиот композитор Антонио Бонпорти. На програмата следуваа дела од Јохан Себастијан Бах, Антонио Вивалди, Франческо Верачини, Доменико Скарлати и Хајнрих Бибер.

Посебно внимание привлече изведбата на „Свитата за пијано оп. 27“ од истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски. Созовска ја изведе композицијата на чембало, за кое самата направила адаптација.

Чембалистката, која специјализирала барокна музика и веќе три децении живее и работи во Холандија, на концертот настапи со својот личен инструмент. Чембалото го купила пред три години во Холандија, а потоа го донела во Македонија со цел да ја претставува барокната музика во автентичен стил низ земјата.

„Голема е честа што и на ‘Охридско лето’ настапувам со мојот инструмент“, истакна Созовска.

Со неа настапи и Владимир Костов, концерт-мајстор во Македонската филхармонија и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. За концертот Костов користеше барокно гудало, карактеристично за историскиот период на изведуваните композиции.

Уметниците настапија во историски штим од 415 херци, наместо современиот стандард од 440 до 442 херци. Според Костов, ваквиот штим, заедно со барокното гудало и соодветните инструменти, овозможува поавтентичен звук и поинаква интерпретација на барокните дела.

„Овој звук дава посебен амбиент и уште поголема автентичност на самите дела“, објасни Костов.

По возбудливата вечер посветена на барокот, „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на кинескиот пијанист Сихенг Сонг.

CATEGORIES
Share This