РЕКОРДНО БРЗО Иуте Македонија за четири дена обезбеди 3 милиони евра
Силниот интерес од инвеститорите ја затвори јавната понуда, со фиксна годишна камата од 8,5%.

Иуте Македонија успешно ја реализираше својата прва корпоративна обврзница на домашниот пазар на капитал, со која за само четири дена го обезбеди целокупниот планиран износ од 3 милиони евра. Со тоа, јавната понуда е целосно затворена, а силниот интерес од инвеститорите е потврда за довербата во компанијата, нејзиниот бизнис модел и долгорочните планови за раст.
По одобрението од Комисијата за хартии од вредност, компанијата издаде петгодишна корпоративна обврзница со вкупна вредност од 3 милиони евра и фиксна годишна каматна стапка од 8,5 проценти. Во рамки на понудата беа пласирани 30.000 обврзници, со номинална вредност од 100 евра, достапни за физички и правни лица.
„Довербата е најскапиот и највредниот капитал на финансиските пазари. Интересот што го видовме за оваа емисија е силна потврда за довербата што инвеститорите ја имаат во Иуте, нашите резултати и начинот на кој го водиме бизнисот“, изјави Нина Мојсова Ќосева, директорка на Секторот за финансии во Иуте Македонија.
Таа посочи дека издавањето на обврзницата претставува значаен чекор во унапредувањето на финансиската структура на компанијата и отвора дополнителен простор за одржлив раст и развој.
Иако вредноста на емисијата претставува околу 5 проценти од вкупната актива на компанијата, од Иуте Македонија оценуваат дека нејзиното значење е многу поголемо. Ова е прво директно излегување на компанијата на домашниот пазар на капитал преку јавна понуда на корпоративни обврзници и претставува важен чекор во диверзификацијата на изворите на финансирање.
Успешното пласирање на целокупната емисија за само четири дена е и позитивен сигнал за домашниот пазар на капитал. Според компанијата, резултатот покажува дека македонскиот пазар има потенцијал да обезбеди дополнителни извори на капитал за растечките компании, но и нови инвестициски можности за домашните инвеститори.
Со оваа емисија, Иуте Македонија не обезбеди само дополнителен капитал за своите развојни планови, туку направи и значаен чекор кон поголема диверзификација на финансирањето и постави нов пример за користење на домашниот пазар на капитал за корпоративен раст.

