ОД 25 НА 40 ДЕНАРИ Земјоделците издејствуваа повисока цена за ајварката

По блокадите и протестите во Струмичко, производителите, откупувачите и преработувачите постигнаа договор за нови откупни цени.

ОД 25 НА 40 ДЕНАРИ Земјоделците издејствуваа повисока цена за ајварката
Фото: Принтскрин

По повеќедневните протести на земјоделците во Струмичко, производителите, откупувачите и преработувачите постигнаа договор за повисоки откупни цени на пиперката ајварка. На состанокот во Струмица е договорено првата класа да се откупува по 40 денари за килограм, првата и втората класа за преработувачките капацитети по 30 денари, додека шкартот ќе се плаќа 15 денари за килограм. Договорените цени се резултат на разговори меѓу сите засегнати страни.

Од преработувачите побара реална и објективна класификација на пиперките, откупувачите навремено да ги информираат производителите за квалитетот и откупната цена, а земјоделците да го предаваат родот според утврдените стандарди.

Незадоволството околу ниските откупни цени ескалираше изминатите денови во Струмичко, каде производителите на куртовска капија протестираа поради првично понудената цена од 25 денари за килограм за прва класа. Тие предупредуваа дека со таквата цена не можат да ги покријат ниту производните трошоци, кои континуирано растат.

Месното здружение на млади од Муртино, кое ги организираше протестите, претходно најави продолжување на блокадите доколку не биде постигнато прифатливо решение. По договорот за новите цени, протестите засега се ставени во мирување.

Во меѓувреме, незадоволството на земјоделците продолжува во Пелагонија. Производителите од овој регион бараат итна исплата на преостанатите субвенции за 2025 година, посочувајќи дека без овие средства тешко ќе ја започнат есенската производна сезона.

Тие бараат исплатата да биде завршена до крајот на неделата, а доколку тоа не се случи, најавуваат блокада на граничниот премин Меџитлија.

АЈВАРКАТА“ ГИ КРЕНА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА НОЗЕ Повторно протест во Струмичко

CATEGORIES
Share This