СИЛНО СВЕТНАЛ ДЕН ВО БИТОЛА Илјадници пееја „Нека ни е вечна Македонија“
Илјадници посетители беа дел од спектакуларната програма за 35 години независност на Македонија.

Силно светна ден во Битола – порака што едногласно ја испратија илјадниците посетители кои синоќа беа дел од прославата по повод 35 години независност на Македонија.
Платото пред Офицерскиот дом во Битола беше исполнето до последното место, каде пристигна караванот со музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“. Со музика, глума и танц, публиката имаше можност да ја проследи приказната за трите и пол децении независност, низ најзначајните историски настани, предизвици, достигнувања и моменти кои ја одбележаа современата македонска држава.
Спектаклот понуди мултимедијално сценско патување низ македонската историја, исполнето со емоции, музички настапи и сценски изведби на познати македонски изведувачи и актери.
Во пресрет на 8 Септември, Денот на независноста, годинава караванот „Силно светнал ден“ ќе посети 11 градови низ државата, продолжувајќи го одбележувањето на големиот јубилеј – 35 години независна Македонија.
Со спектакуларната програма, караванот го започна одбележувањето на јубилејот, испраќајќи силна порака за македонската државност, историја и иднина.

