ШТО СЕ СЛУЧУВА ПО ПАТИШТАТА Над 1.300 прекршоци за само два дена

Полицијата санкционирала 400 возачи за брзо возење, а 32 лица биле лишени од слобода за безобѕирно управување со возило.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ПО ПАТИШТАТА Над 1.300 прекршоци за само два дена
Фото: Принтскрин

Полицијата во изминатите два дена регистрирала вкупно 1.322 сообраќајни прекршоци на патиштата низ државата, при што 32 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило.

Од МВР информираат дека контролите биле спроведени на 10 и 11 август од страна на полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи. Од вкупниот број прекршоци, 400 се однесувале на непочитување на дозволената брзина.

Од 32-та лица лишени од слобода, три возеле под дејство на алкохол, 15 управувале возило без возачка дозвола, а едно лице возело и покрај претходно изречена забрана за управување. Во истиот период биле одземени и 13 возила согласно член 300-б од Кривичниот законик.

Полицијата евидентирала и 302 прекршоци за неправилно паркирање, додека 16 возачи биле санкционирани за управување возило под дејство на алкохол.

Казни добиле и 106 мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем, како и 67 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.

Согласно Законот за возила, осум нерегистрирани возила биле отстранети од сообраќај, а две поради техничка неисправност. Санкционирани биле и пет возачи поради несоодветно затемнување на стаклата, односно непочитување на правилата за фолии.

Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.

CATEGORIES
Share This