КРАЈ НА ХАРТИЕНИТЕ СМЕТКИ – УЈП го подгтовува системот е-фактура

Општините и јавните комунални претпријатија ќе можат електронски да ги издаваат и испраќаат фактурите до граѓаните.

КРАЈ НА ХАРТИЕНИТЕ СМЕТКИ – УЈП го подгтовува системот е-фактура
Фото: Принтскрин

Управата за јавни приходи (УЈП) го подготвува воведувањето на системот „е-Фактура“, преку кој општините и јавните комунални претпријатија (ЈКП) во иднина ќе можат електронски да ги издаваат и доставуваат фактурите до граѓаните.

Како дел од подготовките, УЈП во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) организираше обука на која учествуваа 80 претставници од општините и ЈКП. На обуката беа презентирани начинот на функционирање на системот, обврските на корисниците и придобивките од електронското фактурирање, како и бесплатната веб-апликација преку која ќе може да се користи услугата.

Од УЈП ги повикаа општините и јавните претпријатија активно да го тестираат системот и да доставуваат предлози за негово подобрување. Посебно внимание, како што информираат од институцијата, се посветува на масовното испраќање фактури до граѓаните, поврзувањето со постојните информациски системи и можноста за користење на веќе постојните квалификувани електронски сертификати.

Во пилот-фазата, „е-Фактура“ може да се тестира на два начина – преку директно поврзување со деловните информациски системи со помош на API-интерфејс или преку веб-апликацијата.

Во моментов се проверуваат повеќе функционалности на системот, вклучително креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури. Во следниот период тестирањето постепено ќе се проширува, со цел да бидат опфатени сите процеси и видови документи.

Од УЈП посочуваат дека навременото вклучување на општините и јавните претпријатија е од особено значење, имајќи предвид дека ЈКП се меѓу најголемите издавачи на фактури во јавниот сектор.

Паралелно, УЈП ќе продолжи со информативни и едукативни активности за навремено запознавање и подготовка на обврзниците за примената на „е-Фактура“.

Од институцијата очекуваат новиот систем да овозможи побрзо и поефикасно фактурирање, поедноставување на процесите и поголема транспарентност во работењето на јавниот сектор.

CATEGORIES
Share This