АЛАРМ ВО ВОЗДУХОПЛОВСТВОТО Синдикатот со жестоки прашања до МО
Десетици искусни техничари заминале во пензија, професионални војници ја напуштиле Армијата, а синдикатот предупредува на сериозен недостиг на стручен кадар во Воздухопловниот ВИНГ.

Синдикатот со остри прашања до МО: „Дали намерно се уништува Воздухопловниот ВИНГ?“
Независниот синдикат на професионални војници упати низа прашања до државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, во врска со состојбата со стручниот кадар во Воздухопловниот ВИНГ.
Од синдикатот велат дека уште во август 2024 година до Министерството презентирале предлози и мерки за тоа како Воздухопловниот ВИНГ да се одржи со квалитетен и стручен кадар на долг рок.
„Ниеден предлог на синдикатот не беше прифатен“, тврдат од синдикатот.
Тие додаваат дека во изминатите две години десетици старешини и техничари заминале во пензија, а Армијата ја напуштиле и десетици професионални војници – техничари. Од синдикатот посочуваат дека дел од овие лица денес се водат како невработени во Агенцијата за вработување, додека истовремено Министерството за одбрана, според нивните наводи, повторно ангажира пензионирани припадници.
„Дали состојбата во Воздухопловниот ВИНГ е катастрофална и има огромен недостиг на стручен кадар?“, прашуваат од Независниот синдикат на професионални војници.
Синдикатот бара од државниот секретар на МО јавно да одговори на две конкретни прашања.
Првото се однесува на обуката на воздухопловните техничари во Италија за новите типови хеликоптери.
„Дали екипата составена од техничари која беше три месеци на обука во Италија за новите типови на хеликоптери сите ја положија обуката или не?“, прашуваат од синдикатот.
Оттаму посочуваат дека обуката била реализирана со средства кои, според нив, биле платени во рамки на цената на хеликоптерите.
Второто прашање се однесува на наводен ангажман на пензиониран припадник на ВИНГот.
„Дали поради недостиг на воздухопловен стручен кадар сте ангажирале пензиониран припадник од ВИНГот да работи со договор на дело за дополнителни парични средства, иако ја зема и својата пензија?“, прашуваат од синдикатот.
Од синдикатот тврдат дека во последните две години од Воздухопловниот ВИНГ биле отстранети десетици професионални војници – техничари, додека паралелно се ангажирале лица од цивилство, на возраст од 19 до 22 години, за кои тврдат дека немаат претходно искуство во воздухопловството.
„Се пензионираа искусни техничари, за сега да ги бараат повторно назад, а во исто време се избркаа десетици професионални војници – техничари кои ги заменија со лица од цивилството и имаат од 19 до 22 години и ниту еден ден искуство во воздухопловството“, наведуваат од синдикатот.
Од Независниот синдикат на професионални војници отворено прашуваат дали со ваквата кадровска политика се загрозува функционирањето на Воздухопловниот ВИНГ и безбедноста на државата.
„Дали намерно се уништува најбитната компонента во Армијата – Воздухопловството и зошто? До кога ќе ја уништувате и онеспособувате Армијата и безбедноста на државата?“, прашуваат од синдикатот.
Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, бара одговорите на овие прашања да бидат јавно соопштени од Министерството за одбрана.

