ДЕМИР ХИСАР НИЗ БОИТЕ И ЗВУЦИТЕ НА УМЕТНОСТА ПРОДОЛЖУВА Уметноста како простор за средба, поврзување и создавање публика

Суштината на манифестацијата не е само во реализацијата на поединечни настани, туку во долгорочното создавање публика и воспоставување независна културна сцена во Демир Хисар.

ДЕМИР ХИСАР НИЗ БОИТЕ И ЗВУЦИТЕ НА УМЕТНОСТА ПРОДОЛЖУВА Уметноста како простор за средба, поврзување и создавање публика
Фото: ЦКИ-НЕБО

Куклена претстава за млади во Суводол, две ликовни изложби во Демир Хисар, театарска претстава и музикотерапија во Психијатриската болница се дел од активностите што следуваат во рамките на петтото издание на манифестацијата „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста”. Манифестацијата, која ја организира Центарот за креативни индустрии – НЕБО од Суводол, има за цел преку континуирана и разновидна културна програма да ја доближи уметноста до локалната публика и да придонесе кон создавање независна културна сцена во Демир Хисар и околните рурални средини.

Петтото издание на манифестацијата е поддржано од Министерството за култура и туризам преку програмата – Проекти од национален карактер, а започна на 28 јули со вајарска работилница предводена од вајарот Андреј Митевски, наменета за лица хоспитализирани во Психијатриската болница во Демир Хисар.

Од сликарство кон глина – поинаков начин на уметничко искуство – Во изминатите години активностите наменети за лицата од Психијатриската болница се реализираа преку сликарски работилници. Оваа година ЦКИ-НЕБО направи свесен програмски исчекор и го избра вајарството, односно работата со глина, се со цел да отвори отвори можност за истражување на еден поинаков начин на творечко учество, кое ќе овозможи непосредна работа со рацее и директен контакт со материјалот. Токму оваа непосредност беше важна во изборот на материјалот — да се овозможи уметничкото искуство да биде не само визуелно, туку и сензорно и телесно. Како резултат на работилницата беа создадени портрети со специфична ликовна естетика. За ЦКИ-НЕБО ваквите активности се важни бидејќи уметноста не се третира само како готов производ, туку како процес на учество, комуникација и изразување. Активностите со лицата од Психијатриската болница се континуиран дел од манифестацијата. И во претходните изданија се реализираа содржини наменети за оваа публика, со цел уметноста да стане простор за креативен ангажман, социјална интеракција и поттикнување на благосостојба. На 19 август овој континуитет ќе продолжи со музикотерапија со музичарите Славчо Коцев и Бојан Петков која ќе биде реализирана во Центарот за рехабилитација.

Програмата продолжува на 8 август со куклeна претстава наменета за млади, во изведба на Здружението „Тактус” од Охрид, која ќе се одржи пред селскиот дом во село Суводол. Истиот ден, 8 август со почеток во 20 часот, во Домот на културата „Илинден” во Демир Хисар ќе биде отворена изложбата на сликарот Тони Попов, насловена „Барајќи си дом. На 14 август, со почеток во 20 часот, во во селскиот дом во село Суводол ќе биде отворена изложбата на младиот уметник Стефан Младеновски, насловена „Патот како празнина”, на која ќе бидат прикажани цртежи создадени во 2023 година.

Манифестацијата ќе заврши на 21 август со театарската претстава „Деца на светот” на НЦУК „Антон Панов” од Струмица, во режија на Васил Михаил.

Суштината на манифестацијата не е само во реализацијата на поединечни настани, туку во долгорочното создавање публика и воспоставување независна културна сцена во Демир Хисар. Културната публика не се создава преку еден настан. Таа се гради низ континуитет, преку повторливи средби со уметноста и преку можноста луѓето да ја доживеат културата како дел од сопственото секојдневие. Целта е Демир Хисар и околните населени места да не бидат само места каде што повремено се организира културен настан, туку средина во која постепено се гради сопствена културна сцена, публика и навика за учество во културниот живот. Во таа смисла, „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста” ја продолжува својата мисија да ја децентрализира културата, да ја доближи до различни категории граѓани и да покаже дека квалитетната уметничка програма не треба да биде резервирана само за големите градски центри.

Со почит, Јасмина Котевска (историчарка на уметност и претседател на ЦКИ-НЕБО, Суводол)

CATEGORIES
Share This