25 ГОДИНИ ОД КАРПАЛАК Почит за десеттемина загинати прилепски резервисти

Делегации на Министерството за одбрана и Генералштабот ќе положат цвеќе на спомен-плочата кај местото на трагедијата.

25 ГОДИНИ ОД КАРПАЛАК Почит за десеттемина загинати прилепски резервисти
Фото: Принтскрин

Денеска се навршуваат 25 години од трагичниот настан кај Карпалак, во кој на 8 август 2001 година загинаа десет припадници на резервниот состав на Армијата, сите од прилепскиот регион.

По повод годишнината, делегации на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата ќе им оддадат почит на загинатите со положување свежо цвеќе на спомен-плочата на местото каде што се случи трагедијата.

Одбележувањето ќе продолжи и во Прилеп, каде што цвеќе ќе биде положено пред спомен-обележјето посветено на македонските херои.

Заседа во која загинаа десетмина

Карпалак останува запаметен како најтрагичниот напад врз припадници на безбедносните сили во конфликтот од 2001 година.

На 8 август 2001 година, околу 9:30 часот, конвој од прилепската касарна, составен од транспортно возило, два автобуса, камион и комбе, се движел кон Тетово.

Кај месноста Карпалак конвојот бил пресретнат и нападнат од заседа. Врз возилата бил отворен силен оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.

Едно од транспортните возила било погодено со ракетен фрлач, при што животот го загубиле осум војници и двајца офицери, сите припадници на резервниот состав. Погоден бил и еден од автобусите.

Извлекувањето на преживеаните, меѓу кои имало 108 лица, траело повеќе часа.

Имињата на десеттемина засекогаш запишани

Во трагедијата кај Карпалак загинаа:

  • Нане Наумоски од Прилеп
  • Сашо Китаноски од Прилеп
  • Бранко Секулоски од Прилеп
  • Горан Миноски од Прилеп
  • Марко Деспотоски од Новоселани
  • Ердован Шабаноски од Прилеп
  • Љубе Грујоски од Пашино Рувци
  • Дарко Велјаноски од Ропотово
  • Веби Рушитоски од Прилеп
  • Пеце Секулоски од Бело Поле

По 25 години, споменот на десеттемина прилепски резервисти продолжува да се одбележува на местото каде што ги загубија животите.

CATEGORIES
Share This