ОГРОМНА РАЗЛИКА Во Европа минималецот над 2.700 евра, Македонија со 624 евра бруто
Новите податоци на ‘Евростат’ покажуваат огромен јаз во платите – работниците во најбогатите земји заработуваат неколкукратно повеќе од оние во регионот.

Новите податоци на „Евростат“ за втората половина од 2026 година повторно ги покажуваат големите економски разлики меѓу европските земји кога станува збор за минималните плати. Додека во најразвиените економии минималниот бруто приход надминува 2.000 евра месечно, Македонија и понатаму се наоѓа меѓу земјите со најниски минимални примања.
Според статистиката, само осум од 29 европски земји ја зголемиле минималната бруто-плата во периодот од јануари до јули 2026 година. Во исто време, инфлацијата во еврозоната достигна 3,2 проценти, што покажува дека во дел од државите растот на платите не бил доволен целосно да го компензира растот на животните трошоци.
На врвот на европската листа се наоѓа Луксембург со минимална бруто плата од 2.771 евро месечно. По него следуваат Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. Франција е нешто под нивото од 2.000 евра, со минимална плата од 1.867 евра.
Во средината на европската табела се земји како Словенија со 1.482 евра, Шпанија со 1.425 евра, Литванија со 1.153 евра, Полска со 1.119 евра, Кипар со 1.088 евра, како и Грција и Португалија со по 1.073 евра. Хрватска е на 1.050 евра.
Македонија останува во долниот дел од европската споредба. Минималната бруто-плата изнесува 624 евра, односно околу 421 евро нето. Со тоа земјава е зад Србија, каде минималната плата е 743 евра бруто, и Црна Гора со 670 евра.
Иако пресметките според куповната моќ ја подобруваат позицијата на Македонија, разликата во номиналните износи останува значителна во споредба со најразвиените европски економии.
Најниска минимална плата во Европската Унија има Бугарија со 620 евра, додека голем број земји кандидати за членство во ЕУ сè уште се под границата од 1.000 евра.
„Евростат“ посочува дека во 15 европски земји минималната бруто месечна плата е под 1.000 евра, што значи дека повеќе од половина од државите со достапни податоци се наоѓаат во оваа категорија.
Новите бројки повторно ја отвораат темата за животниот стандард и реалната вредност на минималната плата. Додека дел од европските работници имаат минимални примања блиску до или над 2.000 евра, во земјите со пониски плати граѓаните и понатаму се соочуваат со притисокот од високите трошоци за храна, домување и секојдневни потреби.
ДИМИТРИЕСКА КОЧОСКА – Минималната плата е дијалог меѓу работодавачи и работници

