ЗАСТАРУВА ЗА НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ Обвинителството го прави последниот потег за ‘Талир 2’
Жалбата на ослободителната пресуда за Груевски е поднесена, но предметот се соочува со истек на рокот за гонење кон крајот на август.

Скопското обвинителство поднесе жалба на ослободителната пресуда за случајот „Талир 2“, информираа од Јавното обвинителство.
„Надлежниот јавен обвинител ја прими првостепената пресуда и вложи жалба“, соопштија од Обвинителството.
Пред неполн месец, Кривичниот суд го ослободи поранешниот премиер Никола Груевски од обвинението во предметот „Талир 2“, кој се однесува на незаконската изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“.
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска при образложувањето на пресудата посочи дека причината за ослободителната одлука се измените на Кривичниот законик од 2023 година. Според неа, иако измените изгледале како мали, тие значително влијаеле врз правната квалификација и суштината на делото за кое се гонеше обвинетиот.
Случајот „Талир 2“ се приближува кон застарување, кое настапува на крајот на август. Тоа значи дека и покрај жалбата, ограничени се можностите за поинаков судски исход, а постапката најверојатно би можела да заврши со констатирање на застареност. Сепак, останува можноста за обид да се реализира конфискација на имотот поврзан со партиското седиште.
Само пред три години, ситуацијата беше сосема поинаква. Тогаш државата беше на чекор да го преземе партискиот имот, откако имаше првостепена осудителна пресуда. Кривичниот суд тогаш му изрече шестгодишна затворска казна на Груевски, условна казна за Кирил Божиновски, а беше одредена и конфискација на имотот на партијата.
Но, таа пресуда подоцна беше укината на Апелација поради измените на Кривичниот законик. Конфискацијата на становите и земјиштето никогаш не беше спроведена, бидејќи предметот беше вратен на повторно судење.
По преквалификацијата на обвинението, постапката започна одново. Во меѓувреме, за Кирил Божиновски настапи застарување на делото, додека постапката против Груевски и партијата продолжи.

