АКЦИЈАТА БУРА ПОВТОРНО ГО РАЗБРАНУВА БАЛКАНОТ 31 година подоцна Србија и Хрватска со нова пресметка
Вучиќ, Туѓман и старите обвинувања повторно се во центарот, додека двете страни ја раскажуваат различната верзија на настаните од 1995 година.

И 31 година по воено-полициската операција „Бура“, настаните од август 1995 година остануваат една од најчувствителните теми во односите меѓу Србија и Хрватска.
Во Србија и Република Српска, 4 август се одбележува како Ден на сеќавање на жртвите од „Бурата“, а оваа година во Република Српска тој ден беше прогласен и за Ден на жалост. На комеморацијата во Мркоњиќ Град, во Босна и Херцеговина, присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој испрати остри пораки кон Хрватска и регионот.
Слични пораки продолжија да доминираат и во српските медиуми.
Таблоидот „Курир“ говорот на Вучиќ го оцени како „историски“, а паралелно објави текст во кој првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман е обвинет дека сакал Хрватска „со што помалку Срби“, повикувајќи се на изјави на хрватскиот историчар Славко Голдштајн.
И Информер објави текст во кој се повикува на таканаречените „Брионски транскрипти“, тврдејќи дека операцијата „Бура“ имала „криминален карактер“ и дека нејзината цел била исчезнување на српското население од тој простор.
Дел од српските медиуми известуваат и од денешните настани во Книн, каде што Хрватска ја одбележува годишнината од операцијата. Во извештаите се пренесуваат критиките на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кон Србија и неговите пораки дека Книн не бил почетокот на конфликтот, туку дека бунтот против хрватската држава бил поддржан од Белград. И државниот РТС известуваше за годишнината, но во своите прилози главно ја пренесува српската перспектива, ставајќи акцент на страдањата и бегството на српското население.
Критичарите на српското известување оценуваат дека во голем дел од медиумските написи се избегнува поширокиот контекст на војната во Хрватска. Во таквите анализи најчесто не се споменуваат настаните што ѝ претходеле на „Бурата“ – четиригодишната контрола на делови од хрватската територија од страна на силите на самопрогласената Република Српска Краина, како и претходните воени дејствија, разорувања и протерувања на несрпско население.
Од друга страна, во Србија доминира наративот дека „Бурата“ претставува егзодус на српското население и етничко чистење.
Особено внимание повторно привлекуваат извадоците од разговорите на Туѓман со воениот врв пред операцијата. Хрватската страна тврди дека неговите зборови често се вадат од контекст и дека се однесувале на поразот на воените структури на таканаречената Краина, а не на протерување на цивили. Поддржувачите на српската интерпретација, пак, сметаат дека тие изјави покажуваат политичка намера за иселување на Србите од регионот.
Три децении подоцна, „Бурата“ останува симбол на различни историски сеќавања. За Хрватска, таа претставува клучна воена операција со која е воспоставена територијална целост на државата. За голем дел од Србите, таа е симбол на страдањето и заминувањето на десетици илјади Срби од Хрватска. И покрај изминатите 31 година, различните толкувања на овие настани сè уште се користат во политичките и медиумските пресметки во регионот.
СРБИТЕ ПРАКТИЧНО ЌЕ ИСЧЕЗНАТ Зборови на Туѓман пред операцијата „Бура“

