ЌЕ ПОЕФТИНИ ЛИ СТРУЈАТА Мицкоски откри што планира Владата

Не размислуваме за зголемување на цената на струјата, бараме формула за намалување на сметките или зголемување на евтината тарифа, порача премиерот.

ЌЕ ПОЕФТИНИ ЛИ СТРУЈАТА Мицкоски откри што планира Владата
Фото: Принтскрин

Владата не размислува за зголемување на цената на електричната енергија, туку работи на изнаоѓање решение за нејзино намалување или зголемување на обемот на евтината тарифа, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за финансирање на железничката делница Крива Паланка–Деве Баир, Мицкоски посочи дека Македонија успешно се справува со енергетските предизвици предизвикани од глобалните кризи, како војната во Персискиот Залив и проблемите со нивото на реката Дунав, кои влијаат врз цените на енергенсите и електричната енергија.

„Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Бараме формула како да ја намалиме цената или барем да ја зголемиме евтината тарифа, за разлика од многу европски земји каде се најавуваат нови поскапувања“ рече Мицкоски.

Тој нагласи дека владината политика е да се работи без создавање паника, туку преку навремени мерки и постепени решенија кои ќе донесат подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Според премиерот, состојбата со домашните енергетски капацитети е стабилна. Акумулациите во земјава, како што информираше, се околу 70 проценти полни, а има и речиси 500 гигават-часови складирана електрична енергија.

„Имаме доволно резерви за да бидеме сигурни и да немаме предизвици со снабдувањето на граѓаните и индустријата. Нема да повикуваме на панично штедење, затоа што навреме се грижевме за состојбата со производството и резервите“ – додаде Мицкоски.

Премиерот оцени дека сезоната за наводнување поминала успешно, а хидроелектраните се подготвени за производство на електрична енергија во наредниот период.

CATEGORIES
Share This