НОВ РЕКОРД НА ЦАРИНАТА Во јули наплатени неверојатни 14,14 милијарди денари
Јулската наплата е зголемена за 11,8 проценти, а за првите седум месеци годинава Царината собрала 87,6 милиони евра повеќе од истиот период лани.

Царинската управа во јули годинава остварила историски највисока месечна наплата на приходи од 14,14 милијарди денари, што е зголемување од 1,5 милијарди денари, односно 11,8 проценти во однос на истиот месец лани. Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, оценува дека рекордната наплата е показател за подобрувањето на системот кој, како што вели, се гради во изминатите две години и овозможува државата да генерира повисоки приходи.
Според Николовски, фактот што рекордите во наплатата се надминати по четврти пат во последните две години е показател дека станува збор за континуиран тренд, а не за изолиран резултат.
„Најзначајниот аспект не е самата бројка, туку трендот што го отсликува. Од над 12 милијарди денари во јули минатата година, сега достигнавме над 14 милијарди денари. Тоа покажува дека системот што го градевме во изминатите две години дава резултати“, посочува Николовски.
Од Царинската управа информираат дека зголемената наплата во јули во најголем дел се должи на зголемениот увоз на опрема од страна на Министерството за одбрана, поголемиот увоз на нафта и нафтени деривати, како и зголемениот увоз на тутун и тутунски производи.
Кумулативно, од почетокот на годината до крајот на јули, Царинската управа собрала вкупно 80,5 милијарди денари, односно околу 1,3 милијарди евра. Тоа е за 87,6 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Николовски нагласува дека покрај собирањето приходи за државниот буџет, Царинската управа има обврска да создава подобри услови за бизнисите и да придонесува кон зголемување на конкурентноста на македонската економија.
„Нашата цел е јасна – да градиме систем во кој безбедноста и полнењето на Буџетот нема да ја кочат економијата, туку ќе се одвиваат паралелно преку модернизација и таргетирање на ризикот. Продолжуваме да градиме модерна, ефикасна и професионална Царинска управа која континуирано испорачува резултати и придонесува за посилна економија“, истакна Николовски.

