ЗА СЛУЧАЈОТ СО 19 ГОДИШНАТА РОДИЛКА ОД СТРУМИЦА Министерствотот за здравство отвори истрага
ДСЗИ врши вонреден инспекциски надзор во болниците во Струмица и Штип и на Клиниката за неврологија во Скопје.

Министерството за здравство покрена итна истрага и вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи по случајот со 19-годишната родилка од Струмица, која по породување со царски рез останала со тешки невролошки последици. Од Министерството апелираат да нема предвремени осуди и шпекулации додека не завршат стручните проверки.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Надлежните институции најавуваат детална проверка и комплетирање на целокупната медицинска документација. Потоа, стручна комисија треба да утврди дали во третманот на пациентката имало пропусти и дали постои основа за утврдување лекарска грешка.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека целиот случај ќе биде разгледан темелно и професионално.
„Случајот ќе биде разгледан темелно, професионално и до крај. Ниту еден аспект нема да биде изоставен, а доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи“, соопштуваат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека одговорноста на медицинските работници ќе се утврдува исклучиво врз основа на утврдени факти и стручни наоди, а не преку јавен линч. Министерството истовремено потсетува дека правото на пациентката на достоинство и заштита на личните податоци мора да биде почитувано и апелира до медиумите и јавноста да се воздржат од предвремени заклучоци и непроверени информации.
Случајот предизвика голем број реакции откако семејството на 19-годишната девојка јавно обвини за лекарска грешка и несоодветен третман. Младата жена била породена со царски рез во струмичката болница, при што била применета спинална анестезија. По породувањето, наместо очекуваното закрепнување, таа развила сериозни невролошки проблеми и ја изгубила подвижноста во нозете. Поради состојбата, пациентката била префрлена прво во Клиничката болница во Штип, а потоа на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што биле направени дополнителни испитувања.
Во јавноста се огласи и директорот на Клиничката болница во Штип, кој ги отфрли заклучоците за лекарска грешка пред да заврши стручната постапка. Според неговите информации, пациентката била породена со царски рез, а постоперативниот тек во струмичката болница поминал уредно. По отпустот, таа подоцна се јавила во регионална болница со изразена слабост на долните екстремитети. Дополнителните испитувања покажале промена во спиналниот канал на високо торакално ниво.
Директорот посочува дека, според анатомската поставеност, промената не се наоѓа во регијата каде што се аплицира спиналната анестезија, која се изведува во лумбалниот дел од ‘рбетниот столб. Оттука, според неговата проценка, наодот не може директно да се поврзе со спиналната анестезија применета при царскиот рез.
Раководството на Клиничката болница во Штип најави формирање стручен тим кој дополнително ќе го разгледа случајот. Директорот апелираше до медиумите, лекарите, стручните здруженија и другите чинители да не носат конечни заклучоци за евентуална лекарска грешка пред да заврши целокупната стручна и институционална постапка. Тој порача дека доколку се утврди лекарска грешка, ќе има одговорност за медицинскиот персонал, но и за него како директор на установата.
Од друга страна, доколку надлежните институции утврдат дека немало лекарска грешка, очекува јавно коригирање на евентуално објавените неточни информации и извинување кон медицинскиот персонал. Конечниот одговор за причините за состојбата на младата пациентка треба да го дадат надлежните стручни и институционални тела по завршувањето на истрагата.
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО СО ВОНРЕДЕН НАДЗОР За случајот со 19-годишната Станка Михајлова

