ВУДИ ХАРЕЛСОН ДОАЃА ВО САРАЕВО Македонија со три филма во трката за награди
Холивудскиот актер ќе го добие престижното „Почесно Срце на Сараево“ за исклучителниот придонес во филмската уметност.

Американскиот актер Вуди Харелсон ќе го добие престижното „Почесно Срце на Сараево“ на 32. Сараевски филмски фестивал, како признание за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност и долгогодишната актерска кариера. Директорот на фестивалот, Јован Марјановиќ, истакна дека Харелсон е актер чиј талент му овозможува на публиката да му верува дури и во најнеочекуваните и најсложените улоги.
„Неговиот талент, харизма и храброст се пример за идните генерации. Чест ни е што можеме да му го доделиме Почесното Срце на Сараево“, изјави Марјановиќ.
Во чест на Харелсон, на фестивалот ќе биде прикажан и филмот „Добредојдовте во Сараево“ од 1997 година, во кој актерот има една од главните улоги. Сараевски филмски фестивал ќе се одржи од 14 до 21 август 2026 година, а Македонија годинава ќе има значајно присуство во натпреварувачката програма со дури три филма.
За фестивалските награди ќе се натпреваруваат „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума и „17“ на Косара Митиќ. Во конкуренција е и малцинската копродукција „Срам и пари“ на Висар Морина, реализирана како соработка меѓу Германија, Косово, Словенија, Албанија, Македонија и Белгија. Македонски продуцент на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“.
Македонското присуство е дополнително засилено и во документарната програма. Во официјалната селекција ќе биде прикажан „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, филм инспириран од жртвите и хероите на трагедијата во Кочани. Дополнително, македонската актерка Сара Климоска ќе биде член на жирито во главната натпреварувачка програма.
Годинешното издание на Сараевскиот филмски фестивал така ќе ги обедини големите светски филмски имиња со силното регионално и македонско филмско присуство.

