ШТО СЕ ПРЕГОВАРА ПОД РАДАРОТ Муцунски потврди дека се бара решение за европскиот пат

Муцунски потврди дека се водат разговори, но вели дека деталите не може да ги открие бидејќи тоа би можело да ги загрози преговорите.

ШТО СЕ ПРЕГОВАРА ПОД РАДАРОТ Муцунски потврди дека се бара решение за европскиот пат
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека Владата работи на трајно и одржливо решение за деблокирање на европскиот пат на Македонија. Во интервју за МИА, тој потврди дека се водат разговори „под радарот“, но не открива детали, оценувајќи дека нивното јавно објавување би можело да ги загрози преговорите. Муцунски нагласува дека актуелната Влада не е подготвена на попустливост за прашањата поврзани со идентитетот, историјата, јазикот и културата.

„Работиме на решение, но не решение по секоја цена и не решение кое само по себе нема да биде одржливо“, вели Муцунски.

Тој додава дека целта е да се избегне повторно отворање на истото прашање во иднина. Според него, граѓаните треба да бидат уверени дека Владата има јасно поставени црвени линии и позиции од кои нема да отстапи. Министерот смета дека за ова прашање е неопходен политички консензус, но истовремено ја критикува опозицијата за нејзиниот однос кон одлуките донесени во 2021 и 2022 година.

Тој потсетува дека на 29 јули 2021 година во Собранието била усвоена резолуција со која бил постигнат политички консензус за државните позиции поврзани со националниот интерес, вклучително и идентитетските и историските прашања. Муцунски тврди дека тогашната владејачка коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, само неколку месеци подоцна, го нарушила тој консензус.

„Без никаква дилема ни е потребен консензус“, вели Муцунски.

Но додава дека опозицијата, според него, треба да ги согледа последиците од политиките што ги водела во изминатите години. Тој оценува дека опозицијата има целосно право да критикува и да изнесува ставови, но во делот на надворешната политика очекува, како што вели, да се извини за направените грешки и да даде поддршка на Владата во напорите за враќање на позициите на државата.

Во однос на тврдењата дека Македонија назадува на европскиот пат, Муцунски вели дека прашањето треба да се разгледува од два аспекта. Првиот се однесува на реформите во земјата, каде што, според него, има напредок. Тој се повикува и на оценките од Европската унија и очекуваниот извештај на Европската комисија. Вториот аспект, според него, е спорот со Бугарија, кој останува главна пречка за продолжување на европските интеграции.

Муцунски нагласува дека Македонија има јасна стратешка ориентација кон ЕУ и дека е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Тој потсетува и дека земјата е прва во регионот која потпишала партнерство за одбрана и безбедност со ЕУ.

„Точно е, ни останува предизвикот со Бугарија“, вели Муцунски.

Тој оценува дека проблемот е политички создаден и дека Владата работи на негово надминување. Според него, дури и по решавањето на ова прашање, Македонија ќе биде во позиција да продолжи напред по европскиот пат и да биде меѓу најдобрите кандидати за членство во ЕУ.

CATEGORIES
Share This