МИЛОШОСКИ ГЛАВЕН ГОВОРНИК Н А МЕЧКИН КАМЕН Еве ја програмата за 2 Август
Собраниски делегации во Крушево, Пелинце и Скопје ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит на илинденските и асномските херои.

По повод 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, Собранието на Република Северна Македонија ја објави агендата за државното одбележување на 2 Август – Денот на Републиката.
Централната свеченост во Крушево ќе ја предводи потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, во име на собранискиот претседател Африм Гаши. Милошоски ќе се обрати пред присутните на традиционалниот народен собир на Мечкин Камен. Собраниската делегација во Крушево, покрај Милошоски, ќе ја сочинуваат пратениците Никола Мицевски, Петар Ристески и Митко Трајчулески.
Програмата започнува во 9:30 часот со положување цвеќе на гробот на Никола Карев во комплексот „Македониум“. Во 10 часот е предвидено оддавање почит пред Споменикот на хероите во месноста „Слива“, додека во 11 часот ќе се одржи панихида во храмот „Свети Никола“. Главниот настан на Мечкин Камен е закажан за 12 часот. По церемонијата на положување свежо цвеќе пред Споменикот на бранителите на Крушевската Република и интонирањето на државната химна, ќе следуваат поздравни обраќања и официјалното обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски. Свеченоста ќе биде заокружена со културно-уметничка програма на Националниот ансамбл „Танец“.
Одбележување на АСНОМ во Пелинце
Годишнината од Првото заседание на АСНОМ ќе биде одбележана и во Меморијалниот центар во Пелинце. Собраниската делегација составена од Бране Петрушевски и Јованка Тренчевска во 9 часот ќе положи свежо цвеќе во Меморијалниот центар АСНОМ.
Делегација на Собранието и во Скопје
Во Скопје, собраниска делегација предводена од потпретседателката Весна Бендевска, заедно со пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Драган Недељковиќ и Благој Бочварски, ќе положи цвеќе на неколку значајни спомен-обележја. Во 10 часот е предвидено положување цвеќе пред споменикот на Никола Карев пред Собранието, во 10:20 часот пред Споменикот на АСНОМ во Паркот „Жена борец“, а во 10:40 часот и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на Плоштад „Македонија“.
Со повеќе свечености во Крушево, Пелинце и Скопје ќе биде одбележан 2 Август, датум кој ги поврзува Илинденското востание и Крушевската Република со историското заседание на АСНОМ.

