ПЛАМНА СИМБОЛОТ НА МОСКВА Пожар избувна во храмот „Свети Василиј“

Огнот зафатил околу 10 квадратни метри, но внатрешноста и светилиштата останале недопрени.

ПЛАМНА СИМБОЛОТ НА МОСКВА Пожар избувна во храмот „Свети Василиј“
Фото: Принтскрин

Пожар избувна ноќеска во храмот „Свети Василиј Блажени“ на Црвениот плоштад во Москва, еден од најпознатите симболи на Русија и дел од светското наследство на УНЕСКО. Според првичните информации, пожарот избувнал околу 00:30 часот во службена просторија на храмот. На местото веднаш биле испратени противпожарни екипи, кои успеале брзо да го локализираат и изгаснат пожарот.

Државниот историски музеј, под чија управа се наоѓа храмот, соопшти дека огнот не ја зафатил внатрешноста на објектот и дека не се оштетени неговите реликвии и светилишта. Пожарот зафатил просторија со површина од околу 10 квадратни метри, во која биле уништени мебел и лични предмети.

„Пожарот брзо беше изгаснат од противпожарните екипи кои пристигнаа по повикот на службите за итни случаи на музејот“, соопштија од музејот за руската агенција ТАСС.

Засега нема информации за повредени лица. Причината за избувнувањето на пожарот сè уште не е официјално утврдена. Храмот „Свети Василиј Блажени“, познат и како Покровски собор, бил изграден во периодот од 1555 до 1561 година по наредба на царот Иван Грозни, во чест на освојувањето на Казањ.

Денес објектот првенствено функционира како музеј, а повремено во него се одржуваат и верски служби.

CATEGORIES
TAGS
Share This