(ВИДЕО) ВО ЧЕСТ НА ОЛИВЕР ДРАГОЈЕВИЌ 30.000 луѓе присуствуваа на концертот во Вела Лука

На годишнината од смртта на легендарниот хрватски музичар, во заливот Велучка настапија познати имиња од хрватската музичка сцена.

(ВИДЕО) ВО ЧЕСТ НА ОЛИВЕР ДРАГОЈЕВИЌ 30.000 луѓе присуствуваа на концертот во Вела Лука
Фото: Принтскрин

Трогателниот музички настан „Trag u beskraju“ и годинава ја собра публиката во Вела Лука на островот Корчула, во чест на легендарниот хрватски музичар Оливер Драгојевиќ. Манифестацијата се одржува од 2019 година, како своевидно музичко сеќавање на пејачот, кој почина на 29 јули 2018 година.

Токму на годишнината од неговата смрт, централниот концерт годинава привлече околу 30.000 посетители. Во заливот Велучка, сцената поставена на понтон се нишаше на брановите, додека брегот и околните чамци беа преполни со обожаватели кои дојдоа повторно да ги слушнат песните на Драгојевиќ.

Концертот беше пренесуван во живо и на Првата програма на ХРТ, а водители на вечерта беа Ива Шулентиќ и Душко Ќурлиќ. Големиот ансамбл музичари го предводеше Анте Гело, додека со оркестарот диригираше маестро Алан Бјелински.

На сцената прв настапи Петар Грашо, по што следуваа некои од најпознатите имиња на хрватската музичка сцена – Зорица Конџа, Нина Бадриќ, Марко Тоља, Ива Ајдуковиќ, Јаков Јозиновиќ, Матија Цвек, Ивица Сикириќ Иќо, Инес Тричковиќ и клапата Ошјак.

Публиката, од најмладите до највозрасните, пееше заедно со изведувачите до доцна во ноќта. Жителите на Вела Лука, но и бројните посетители кои пристигнаа на Корчула, уште еднаш му оддадоа почит на музичарот чии песни и денес имаат посебно место во срцата на неговата публика.

Оливер Драгојевиќ и годинава доби уште едно посебно признание во својот роден град. Во март беше поставена уметничка инсталација посветена на него, во форма на стилизирани очила, по примерот на оние што ги носеше на почетокот од кариерата.

Инсталацијата е поставена покрај морето, на локација со поглед кон Велочкиот залив и островчето Ошјак – пејзажот кој силно го одбележа животот и музиката на Драгојевиќ. Автор на делото е дизајнерот и уметник Саша Прижмиќ, кој проектот го замислил како спој на спомен-обележје и туристичка атракција.

CATEGORIES
Share This